Јохан Тарчуловски на 16 март беше префрлен во Хаг. Оттогаш се поминати осум полни години и почнува деветтата. Истекуваат две третини од изречената казна од 12 години затвор. Беше уапсен и осуден за наводно убивање цивили во конфликтот во 2001 во скопското село Љуботен, заедно со Љубе Бошковски кој во тоа време беше министер. Тарчуловски ја вршеше функцијата инспектор за придружба во службата за обезбедување на претседателот Борис Трајковски. Сега се најавува негово враќање. Се очекува официјалната потврда на Хашкиот трибунал за неговото ослободување на 15 март. Република се дружеше со семејството на Тарчуловски за време на роденденот на неговата ќерка Мелани. Еве дел од разговорот со сопругата Соња Таруловска.
Јохан се враќа дома. Република напиша уште пред Нова година, и еве тоа конечно се случува. Дали ви се верува дека конечно вашиот сопруг ќе дојде во сопствената земја, ќе биде со вас, ќе биде со своите две деца?
Тарчуловска: Јас сум убедена дека исто како ние јас, Мелани и Младен и Република и целиот македонски народ го очекува Јохан да се врати. Се се случува. Ќе слушнеме, ќе кажеме, ќе напишеме… Но јас ќе поверувам и ќе бидам убедена токму тогаш кога ќе го видам во нашиот дом. Домот којшто никогаш не е исполнет. Го нема Јохан .. Како што ми е мене така им е и на децата… Без него не бевме ниту исполнети, ниту сосема среќни и спокојни. Со душа го чекаме да се врати!
Кога и како дознавте за одличната вест на која се радуваат сите Македонци?
Тарчуловска: Ќе разговараме отворено. Конкретна вест се уште нема. Можам да кажам дека процедурата и рокот се запази за доставување на документите во Хаг за ослободување на Јохан. Конечната вест ќе ја имаме кога Јохан ќе се јави и ќе каже дека од Германија му соопштиле да ги спакува куферите и да се врати дома, во Македонија.
Како Јохан реагира на фактот дека конечно се враќа дома?
Тарчуловска: Јохан секогаш е умерен во постапките, во однесувањето… Кога Јохан официјално ќе знае дека се враќа дома јас ќе ви кажам на сите, на целата јавност. Од понеделник па се до сознавањето на веста ќе бидам во Германија. Останувам таму се додека не си го земам и донесам Јохан во Македонија.
Ќе заминете со двете деца заедно во Германија, или ќе го чекаат тато дома?
Тарчуловска: Мелани и Младен со нетрпени го чекаат тој ден. Сепак ќе останат дома и тука ќе го пречекат тато.
Мелани е веќе голема. Беше бебе кога Јохан беше приведен. Денес кога го правиме разговорот таа полни осум години, сигурно последниот роденден поминат без тато. Дали таа веќе знае дека Јохан се враќа дома?
Тарчуловска: Meлани (се смее). Мелани е многу храбро и паметно девојче. Беше бебе, па помало детенце, а сега е веќе девојче кое што разбира и знае се што се случува. И на овој роденден ќе ја замисли и посака истата желба. Ми го кажа тоа пред спиење. Желбата е јасна: ТАТО ДА СЕ ВРАТИ ДОМА! Но, желбата и е тоа да биде за нејзиниот роденден… Сепак, успеав да и објаснам и таа ме разбра дека треба да почекаме уште малку. Знае дека треба да се врати, но ние се плашиме од претпоставки, бараме конкретност.
Има желби што прво да му каже, што прво сака да направи со тато, што сака да му покаже, каде да го однесе?
Тарчуловска: Има желба да ја однесе на училиште и сите деца да дознаат дека има тато… А ми има речено: мамо татко ми е многу убав (се смее). Кога ќе се врати сакам сите да ме гледаат со тато, како ме држи за рака.
А Младен? Тој е помал. Но е свесен за тоа дека неговиот татко е јунак за многу Македонци?
Тарчуловска: Младен е интелегентно момче, Македонче (се смее). Да тој е помал, но не е за потценување и Младен знае дека татко му се враќа од затвор, а не од работа од странство, и свесен е дека покрај себе има прекрасен и достоинствен татко.
Како Младен реагираше на досегашните средби во Шевенинген, а подоцна и Германија?
Тарчуловска: За во Шевенинген многу малку се сеќава, а за во Германија секогаш кога ке се видат, кога ке се гушнат, душата ми се топи и кине во суштина не го ни виде Младен кога се роди, но затоа господ го створи да виде ист како него во секој поглед.
Ќе заминете некаде за конечно да бидете сами заедно?
Тарчуловска: Да, ќе заминеме (се смее). Конечно сами. А откако ќе се вратиме ќе ви кажеме каде било тоа (се смее).
Сигурно се сеќавате на првата средба на Мелани и Јохан и Младен и Јохан.
Тарчуловска: Се сеќавам и тоа како. На се, баш на се! Но ако почнам да објаснувам искрено ќе ми треба цело издание на Република да го отстапите само за мене.
Простор имаме, желба за разговор исто така.
Тарчуловска: Првиот пат со Мелани кога отидовме во април месец во Хаг паѓаше многу снег. Чекавме пред амбасада да влеземе, незнаевме каде да одиме и се сеќавам, госпоѓа Светлана не прибра кај нејзе дома. Тоа никогаш нема да го заборавам. А, пред Јохан да ја види поминавме низ многу врати. И конечно во една мала просторија се привиде голем човек – нашиот Јохан, како со раширени раце стабилен и цврст не чекаше… Рече: и ова ќе го пребродиме со заеднички сили. А од плачот на Мелани ечеше затворот.
Младен само што наполни 40 дена го однесов. Кога влеговме Мелани истрча во прегратките кај Јохан. А Јохан скришум го ѕиркаше Младен затоа што дада беше љубоморна. За кратко време бебето кое што беше на маса во бебешко плико ( такви беа условите ) конечно се најде во прегратките на Јохан… За првпат кај тато Јохан. Е тогаш Јохан пушти солзи. Тоа се моменти кои што се дел од нашите спомени, спомени во тешки времиња кога ние како фамилија се спојувамве и запознававме далеку од дома.
Во кои моменти им беше најтешко на децата што тато го нема?
Тарчуловска: Тоа не беше само за родендените и празниците… Не беа ни оние периодични моменти кога од тато Јохан имаше објавувања по медиумите. Ссекој миг, секој ден, секој месец и многу години на Мелани и Младен и мене ни е тешко што Јохан не е дома
А вас? Вие цврсто стоевте на земја до самиот крај. Но што се крие длабоко во вас знаете најдобро вие самите.
Тарчуловска: Јас?! Ви благодарам мила моја. Но толку години поминаа, а некој праша за мене како сум јас. Имаше искушенија, трауми, имаше неправдини, заборав, навреди, имаше одрекувања, имаше и солзи, неспани години, неспани ноќи, затварање сама со себе… Но силата, цврстината и стабилноста ми ги дари и поткрепи нашиот Господ. Трпението за да го изодам овој пат за Јохан, Мелани и Младен. Длабоко во мене се кријат многу горчини, но јас ги фрлив во длабокото море.
Најдовте сила да одгледате две деца сами и притоа да се борите за правда за вашиот сопруг, да ја негувате љубовта, да го користите секој момент кога можете да бидете со него?
Тарчуловска: Молитвите и вербата кон Господ ми даваа. Ми дават сила, очите, погледите, рачињата на Мелани и Младен… Сила ми даде и љубовта, почитувањето и разбирањето од страна на Јохан. Правдата за Јохан не ја добивме, но јас не отстапив од вистината и фактот. Јохан не е виновен! А, за моментите кои ги споменавте…Секој месец по 8 дена сите овие години патував и бев покрај мојот Јохан.
Останатиот дел од разговорот можете да го прочитате во неделникот Република, кој е во продажба до четврток, 28 февруари.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски и приватна архива
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Скандал во Идризово: Повеќе од два месеца нема лекови во затворот
-
Во 12.500 пораки го опишале одвратното злоставување на бебе и 5 годишно девојче: Мајката и љубовникот осудени на 50 години затвор
-
Разрешен директорот на затворот во Струга
-
Европскиот суд за човекови права пресуди: Имало тортура во тајни затвори на ЦИА во Романија и во Литванија




