Политичките погледи на модните дизајнери најчесто немаат големо влијание на нивната работа, но тоа не значи дека треба да се занемари фактот дека некои од врвните, светски модни дизајнери на 20 век го поддржувале најголемото зло – нацизмот.
Иако ја сакаме модата бидејќи е убава и креативна, некои детали од нејзината историја се, навистина, мрачни. Еден дел од легендарните дизајнери на минатиот век се поврзуваат со нацистите. Во некои случаи тоа е последица на историските услови, како на пример окупацијата на Франција, која почнала во 1940 година, кога дизајнерите биле присилени да соработуваат со нацистите или да прекинат со работа. Иако е сосема јасно дека на некои од нив им било многу тешко да им дадат отпор на окупаторите, други, практично, со двете раце го прифатиле режимот.
Во времето на окупацијата на Франција се размислувало и за преместување на модната индустрија од Париз во Виена или Берлин.
Коко Шанел
Во книгата „Спиејќи со непријателот, тајната војна на Коко Шанел“, објавена во 2011 година, Коко Шанел е прикажана како несреќно човечко суштество – антисемитист, хомофоб, кариеристка, сноб и зависничка од морфиум и поради тоа соработувала со германскиот окупатор.
Откако почнала Втората светска војна во 1939 година, Шанел веќе се пензионирала и се преселила во хотелот „Риц Париз“ заедно со своето ново момче, нацистичкиот офицер Ханс Гинтер фон Динклаге. Кога Франција паднала под контрола на германскиот нацизам на Адолф Хитлер во 1940 година, нацистите го направиле хотелот „Морис“ богат и ексклузивен, а веќе се ширеле шпекулации дека Коко соработува со Германците.
Биографот на Шанел, Едмонд Шарл-Ру изјавил дека Германците ја пратиле модната дизајнерка да го посети британскиот премиер Винстон Черчил како дел од тајната мировна мисија. Коко Шанел била веднаш уапсена по ослободувањето на Франција и обвинета за соработка со Германците, но Черчил интервенирал во нејзина корист и таа била ослободена. По падот на нацистичкото владеење, многу Французи ги казнувале жените во таа земја бидејќи мислеле дека соработувале со нацистите во Франција. Тие биле нарекувани „хоризонтални соработници“. Шанел станала цел и предмет на озборувања и по завршување на војната заминала во Швајцарија. До крајот на својот живот таа и Фон Динклаге живееле и се издржувале од нејзината плата. Шанел креирала своја сопствена колекција парфеми, кои ги продавала и во Швајцарија. Подоцна таа ги продала правата за парфемите на Пјер Вертејмер во замена за месечна плата.
Кристобал Баленсијага
Некои сметаат дека успехот на Кристобал Баленсијага во окупираниот Париз е заслуга на блиските врски со генерал Франко. Според книгата на Тенси Е. Хоскинс, Баленсијага дизајнирал многу фустани за сопругата на генерал Франко уште пред почетокот на војната. Неколкудецениската пауза што ја направил овој моден дизајнер била прекината во моментот кога решил да го дизајнира венчалниот фустан за неговата внука.
Сепак, тој му се спротивставил на Хитлер, кој барал да се пресели во Берлин. Според зборовите на самиот дизајнер, Хитлер сакал да ја премести француската висока мода во Берлин и поради тоа на Баленсијага му пратил шест огромни германски војници да поразговараат со него на таа тема. Баленсијага одбил. Баленсијага многу строго ја чувал својата приватност. Во текот на својот живот дал само две интервјуа.
Луј Витон
Модната куќа „Луј Витон“ негувала цврсти врски со Вишевска Франција и била единствена куќа на која ѝ било дозволено да има дуќани во приземјето на „Хотел ду Парк“, кој се користел како седиште на Владата под водство на маршалот Филип Петен.
Англискиот весник „Гардијан“ наведува дека модната куќа изработувала предмети во кои се величи делото на Петен, вклучувајќи и 2.500 скулптури што не се наведени во ниту едни деловни белешки.
Најстариот син Анри често бил гостин во омиленото кафуле на Вишевска Франција и бил првиот Французин што бил одликуван за лојалност кон нацистичкиот режим.
Хуго Бос
Германскиот дизајнер во 1931 година се зачленил во Нацистичката партија во која Хитлер дошол на чело две години подоцна, во 1933 година и ги креирал униформите за младината на Хитлер. Затворениците во нацистичките логори присилно работеле во неговите фабрики. Во 2011 година оваа фабрика објавила јавно извинување за своите активности во текот на Втората светска војна.
Кристијан Диор
Иако лично Кристијан Диор никогаш јавно не бил симпатизер на нацистите, неговата модна куќа работела во текот на целата окупација и опслужувала клиентки што биле жени или љубовници на високорангираните нацистички службеници.
Неговата внука Франсоаз многу гласно ги поддржувала нацистите, а нејзината сестра, позната како мис Диор, била членка на Отпорот.
(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 90. број на неделникот „Република“, 23.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.