Научниците од австралискиот универзитет Куртин последните денови интензивно анализираат аудиозапис кој е регистриран од подводни микрофони поставени во Индиски Океан, крај брегот на западниот дел на Австралија во близина на Перт.
Научниците тврдат дека постои можност на снимката да се регистрирани звуци од падот на малезискиот „боинг 777“, кој на 8 март со 239 патници и членови на екипажот исчезна од радарите.
На кратката снимка, десетина минути откако авионот загубил конктакт со контролата на летот се случаат нискофреквентни звуци кои на моменти стануваат интензивни што се толкува како можен момент кога авионот паднал во океанот.
Звукот доаѓа од локација на околу 5.000 километри западно од австралиски Перт, каде што е сместен центарот за координација на потрагата по мистериозно исчезнатиот авион. Станува збор за место вонподрачјето за потрага на кое до неодамна се одвиваше потрагата по остатоци од леталото.
– Еден ист сигнал е откриен на повеќе приемници и може да биде поврзан со падот на авионот – рекол научникот Алек Данкан, кој предупредува дека веројатноста оти навистина станува збор за снимка од падот на авионот е минимална, односно околу 10 проценти.
– Многу е поголема веројатноста звукот да дошол од потрес или од друг природен настан. Сепак, да сум на местото на трагачите би отишол на таа локација и би ја истражил. Таму не се случуваат многу работи кои произведуваат таков звук – рекол Данкан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.