Некој си отвори дуќанче, некој салон, некој туристичка агенција. Со помош на Агенцијата за вработување и активните мерки за вработување, многу невработени најдоа егзистенција за себе и за своето семејство. Почнуваат со малку, скромно, но со добра идеја и со чувство што може да помине на пазарот, бизнисот може да се развие и да стане добар извор на приходи. За да започне развивањето на идејата, невработениот треба да се обрати до Агенцијата за вработување, каде што му се нудат ментор за поминување на целиот процес и обука, кои доведуваат до реализација на замисленото. Откако невработениот и официјално ќе стане вработен, преку стартување на бизнисот, на него останува како ќе функционира и дали ќе биде успешен или не.
– Со години чекам работа и бидејќи никој не сакаше да ме вработи, решив самиот да си се вработам. Се обратив до Агенцијата за вработување и сега сум во фаза на обука како да ја развијам идејата за бизнис и како да почне свој бизнис. Заинтересиран сум за проектот за самовработување со кредитирање бидејќи ми треба финансиска помош. Ако добијам дел од средствата од државата, дел јас ќе соберам и сакам да отворам игротека за деца која со тек на време, ако тргне бизнисот, би можела да прерасне во приватна градинка. Знам дека тоа е амбициозна замисла, но, исто така, знам дека такво нешто му недостига на градов. Има многу луѓе кои бараат место да направат роденденска прослава за своите деца. И иако има многу игротеки, добар дел од нив се непотполни со реквизити или активности, па јас мислам да ги потполнам тие празнини и да креирам нов облик на забава и на прослава. Доколку сето тоа се развие, крајната цел ми е отворање градинка бидејќи такви објекти има премалку. Тоа ми е замислата, па ќе видам до каде ќе стигнам – ги раскажува своите идеи Петар Глигоровски, кој сѐ уште е регистриран како невработен, но со амбиција наскоро да стане сам свој газда, но газда и на други.
Во програмата за самовработување може да учествуваат исклучително невработени лица евидентирани како активни баратели на работа. Спроведувањето на програмата за самовработување во 2014 година се спроведува низ два циклуса. Секој циклус се реализира преку пет фази, и тоа: јавен оглас, пријавување, аплицирање и селекција на учесници; обука за деловно планирање и управување, развој на деловни планови, селекција на најдобрите планови; регистрација на фирми, самовработување и потпишување договор за финансиска помош; набавка на опрема и/или материјали; дополнително вработување, потпишување договор за финансиска помош и набавка на опрема и/или материјали.
– Секое невработено лице, со статус активен барател на работа на денот на објавување на јавниот оглас, кое ќе пројави интерес за учество во програмата, во текот на огласот треба да се пријави во соодветниот Центар за вработување. Секое пријавување се регистрира во софтверска програма на АВРМ, при што се врши проверка дали податоците од базата на евиденција се ажурирани. По регистрацијата на пријавувањето, на лицето му се закажува точен термин за информативна средба во рок од 5 дена, со определен датум, време, број на просторија и му се дава информативен лист кој ги содржи сите основни податоци од програмата за самовработување. Целта на информативните средби е пренесување на информациите до сите пријавени кандидати на стандарден и унифициран начин – велат од Агенцијата за вработување.
За време на работилницата, кандидатите се информираат за основните услови за учество во програмата, за предвидените активности и чекори, за правата и обврските, како и за санкциите што следуваат доколку не се почитуваат.
– На кандидатите во исто време им се објаснуваат процесот и постапката на пополнување на прашалникот, концептот на прашалникот, начинот на оценување и значењето, односно важноста од реално и искрено одговарање на прашањата. Секој кандидат добива во печатена форма прирачник, односно материјал за учење кој треба да му послужи за подобро подготвување пред пополнување на прашалникот. Истиот материјал ќе биде обезбеден и во електронска форма кој ќе може да се преземе од веб-страниците www.avrm.gov.mk и www.samovrabotuvanje.mk. Процесот на селекција обезбедува најдоброрангирани кандидати кои ќе обезбедат учество во една од обуките од областа на претприемништвото. Обуката има цел да ја подобри подготвеноста за работа на учесниците, да ги развие индивидуалните капацитети за претприемништво и да поттикне и мотивира почнување бизнис – додаваат од АВРМ.
По завршување на обуката, кандидатите треба да имаат изработена идеја за бизнис.
– Најдоброрангираните кандидати се упатуваат за учество во следниот чекор, преку кој се обезбедува дополнителна советодавна помош од советници на Агенцијата за поддршка за претприемништво на РМ за изработка на деловен план, кој како документ може да се приложува и во банка. Евалуацијата на сите деловни планови ќе биде реализиранa од Експертска комисија за оценка на деловни планови во согласност со усвоените критериуми. Избраните кандидати одат на следниот чекор, а тоа е регистрација на правните субјекти, самовработување и потпишување договор за финансиска помош, што е координирано од страна на АВРМ и на Агенцијата на САД за деловен развој – објаснуваат од Агенцијата.
Според одговорните, интересот од страна на невработените лица е голем, а во согласност со оперативниот план за активна политика и мерки за вработување, годишно се поддржуваат околу 900 бизниси.
На прашањето дали Агенција за вработување им дава насоки на невработените кој бизнис би можел да се почне и кој би бил успешен, оттаму одговараат дека тие директно не можат да фаворизираат одредени дејности, но дека обуката за претприемништво и за развивање идеја за бизнис, која е дел од програмата за самовработување, која трае 30 часа, има цел да ги развие индивидуалните капацитети на невработените лица за претприемништво, да помогне во развивањето идеја за бизнис, начин за водење мал бизнис, советување за избор на форма на регистрација и да ги поттикне и мотивира лицата за почнување бизнис.
Вториот проект за самовработување со кредитирање е проект на Владата на Република Македонија, кој Агенцијата за вработување на Република Македонија го спроведува од 2008 година во континуитет со цел намалување на невработеноста со отворање нови бизниси или формализирање на постојните бизниси.
Условите под кои може да се добијат кредитни средства се следниве: за дејности од помал обем за секое новоотворено работно место по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 3 работни места, односно до 9.000 евра; за дејности од поголем обем за кредитобарателот 5.000 евра, а за секое новоотворено работно место по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу 5 работни места, односно до 17.000 евра; рок на враќање на средствата е 3 години со вклучен грејс-период од 1 година за кредит до 9.000 евра, односно 5 години со вклучен греј-период од 1 година за кредит над 9.000 евра; каматна стапка од 1 отсто на годишно ниво; сопствено учество од корисникот на кредитот од најмалку 25 отсто од износот на бараниот кредит (во вид на опрема, предмети и/или пари); гаранција за поврат на средствата со хипотека во однос 1:1 со одобрениот кредит или гаранција со најмалку 1 кредитоспособен жирант или рачен залог во однос 1:2 во износ на одобрениот кредит; дополнителни стимулативни средства до 1.000 евра за лица кои се невработени по основа на технолошки вишок, стечај или ликвидација што имаат користено паричен надоместок најмалку 6 месеци и се невработени повеќе од 3 години.
– Барање за кредит може да достават сите евидентирани невработени лица без оглед на времетраењето на невработеноста, односно лица со статус (200) невработени лица активни баратели на работа кои се на евиденција 1 ден пред објавувањето на јавниот оглас. Заинтересираните невработени лица што ќе се јават на јавниот оглас и ќе сакаат да се вклучат во Проектот за самовработување со кредитирање, пополнуваат образец „Барање Б/1“ или „Барање Б/2“ во зависност од бараниот износ на кредит. Невработените лица доставуваат и деловен мини-план. Овој документ е составен од Агенцијата за поддршка на претприемништвото на РМ (АППРМ) и се доделува на секој заинтересиран кандидат во кој невработеното лице ја опишува и објаснува деловната идеја. Овој документ е основа за оценка и селекција на кандидатите. Управниот одбор на проектот врши конечна селекција на кандидатите и ја утврдува конечната ранг-листа на кандидати што ќе продолжат со натамошни активности пред деловните банки за обезбедување на кредитот – посочуваат од АВРМ.
Исплатата на кредитните средства се врши преку деловните банки. Во согласност со договорот за кредит што го потпишуваат корисникот на кредит и Агенцијата за вработување, корисникот се обврзува во рок од 5 дена по одобрувањето на обезбедувањето на кредитните средства од страна на деловната банка да регистрира трговско друштво/правен субјект, односно да ја регистрира дејноста и да ги реализира вработувањата за кои му се одобрени средства од Управниот одбор на проектот. Доколку корисникот на кредит не ги исполни тие обврски, деловната банка нема да изврши исплата на одобрените кредитни средства.
– Корисникот на кредит и лицата во чие име побарува кредитни средства по регистрирањето на правниот субјект и по вработувањата го губат статусот на невработени лица во евиденцијата на невработени во Агенцијата за вработување на Република Македонија. Доколку корисникот на кредит го намали бројот на вработени лица, должен е на нивно место да вработи други лица кои ги исполнуваат условите од проектот. Во спротивно се обврзува да ги врати доделените кредитни средства во целост – велат од Агенцијата за вработување.
Оттаму додаваат дека и за овој вид мерки интересот од страна на невработените лица е голем, при што во 2013 година од Управниот одбор на проектот биле одобрени околу 600 деловни мини-планови.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 90. број на неделникот „Република“, 23.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.