
Ревија на понови филмови од словачката кинематографија е во тек во Кинотека на Македонија и тие ќе може да се проследат до 11 јуни. Програмата има поднаслов „Слики и соништа – најнаградувани словачки филмови“ и е во рамките на одбележувањето 20 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу двете земји. На отворањето ќе бидат прикажани краткиот анимиран филм номиниран за „Оскар“ – „Во коцка“ на Михал Струс и играниот „Kандидат“ на Јонаш Kарасек.
Главен организатор на настанот е здружението на граѓани ВЛНА, кое ја создаде програмата врз основа на меѓународно најуспешните филмски проекти што доаѓаат од Словачка и кои ја промовираат земјата на фестивалите во: Kан, Ротердам, Kарлови Вари, Тампере.
Ќе бидат прикажани: „Чудо“ на Јурај Леготски, „Моето куче Kилер“ на Мура Форнау, „Дури до градот Аш“ на Ивета Грофова и „Дом“ на Зузана Лиова.
Гости во Скопје деновиве ќе бидат актерката Силвија Халушикова, која игра во филмот „Дури до градот Аш“ и монтажерот Франтишек Kраенбил.
Покровители на настанот се словачкиот амбасадор во земјава, Марин Безак, и нашата министерка за култура, Елизабета Kанческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


