| четврток, 6 декември 2018 |

Охрид и Агенцијата за туризам ќе ја интензивираат соработката за поголема промоција

Општина Охрид и Секторот за туризам и локален економски развој заедно со Агенцијата за развој и поддршка на туризмот во иднина ќе ја интензивираат соработката, со цел обезбедување поголема промоција на туристичките вредности на Охрид и Македонија.

ohrid12

Ова на денешната средба го договорија градоначалникот Никола Бакрачески  и директорот на Агенцијата, Кристијан Џамбазовски. Бакрачески по средбата изјави дека се договорени неколку активности и насоки на меѓусебната соработка во иднина, со обостран став за потребата од нејзино интензивирање.

– Она што за нас како општина е многу важно е дека ги договоривме начините на кои  градот Охрид ќе биде промовиран во идната стратегија на Агенцијата за промоција на туризмот во Република Македонија, во делот на саемското претставување, во делот на она што за нас претставуваат приоритетни дестинации каде што Охрид би требало да биде претставен, истакна Бакрачески.

Охридскиот градоначалник додаде дека разговарано било и за можностите во Охрид на крајот од месец август годинава да се организира настан за туристичка промоција на градот.

– Разговаравме околу можностите за организирање на интернационални првенства во делот на екстремни спортови односно параглајдеризам, за што добивме понуда за соработка од УСАИД–Македонија, во делот на опремување на полетно слетувачки  патеки, информираше Бакрачески.

Директорот на Агенцијата за развој и поддршка на туризмот Џамбазоски задоволен од средбата и интересот на градоначалникот Бакрачески, со заеднички сили да приоднесат за туристички развој на Охрид.

– Разговаравме на повеќе теми од тоа како да се претставиме заеднички во странство односно маркетиншки да делуваме до тоа како да ја прошириме туристичката сезона и да ја збогатиме туристичката понуда на Охрид, истакна тој.

Во насока на подобар туристички развој и промоција на туризмот во Охрид двете страни најавија неколку работни средби за наредниов период.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top