АД „Електрани на Македонија“ годинава по четврти пат со свој штанд ќе се претстави на најголемиот саем за енергетика во Европа „Пауер Џен Јуроп
2014“(Power Gen Europe) во сегментот за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. На саемот што годинава се одржува во Келн, Германија, повеќе од десетина години се претставуваат најголемите светски брендови чија основна дејност е производство на енергија, како и производители на опрема за енергетски капацитети. На оваа меѓународна манифестација со свои штандови и презентации учествуваат компании од сите континенти.
АД ЕЛЕМ и годинава на својот штанд ќе ги претстави развојните енергетски проекти во Република Македонија пред потенцијалните бизнис партнери кои ја гледаат Македонија како можна бизнис-дестинација.
Оттаму велат дека оваа меѓународна манифестација е одлична можност за интернационално презентирање на компанијата, размена на знаења и искуства, воспоставување нови бизнис релации и иницирање соработка со деловни субјекти од целиот свет.
– ЕЛЕМ веќе стана препознатлив бренд, бидејќи на своите штандови во изминатите три години воспостави контакт со преку 4.000 посетители и делегати, а воспостави и комуникација со повеќе компании од енергетскиот сектор. Општиот впечаток е дека постои голем интерес од посетителите и од компаниите што се присутни на саемот. Веќе почнуваат да не препознаваат дека сме дел од ова семејство на Пауер Џен што е многу важно за нашата компанија и воопшто за развојот на енергетиката во Македонија. На штандот често доаѓаат потенцијални идни партнери, кои би можеле да соработуваат во изградба, испорака на опрема и монтажа во идните проекти на АД ЕЛЕМ. Една од придобивките од учеството на „Пауер Џен Јуроп“ е што во континуитет се зголемува интересот за проектите на ЕЛЕМ во Република Македонија. Конкурентноста на фирмите кои учествуваат на нашите меѓународни повици е се поголема, а со тоа и квалитетот на понудите – посочуваат од компанијата.
Во рамки на саемската манифестација ќе биде одржана и меѓународна Конференција за обновливи извори и нејзините перспективи во Европа до 2030 година. Една од темите за која е најавено учество на еминентни експерти од целиот свет е како глобалната економска криза
влијае врз инвестирањето во обновливи извори на енергија.
Во повеќето земји веќе е започнат процес на користење одржливи технологии. Меѓу главните пораки кои ќе бидат испратени од Пауер Џен Јуроп е дека во моментов на Европа и се потребни нови концепти за вистинска интеграција на сите потребни технологии за поекономична и одржлива енергетска инфраструктура со цел дополнително да се влијае врз намалување на употребата на фосилни горива и емисиите на јаглероден диоксид.
Според организаторите, со оглед дека Германија потврди план за излез од нуклеарно произведена енергија до 2022 година со фокус на обновливи извори до 40 отсто од вкупниот производствен капацитет, Келн е идеалното место за дискусија околу последните трендови
во енергетиката. Проценките се дека годинашниот саем во Келн ќе го посетат над 15.000 посетители.
АД ЕЛЕМ и годинава останува единствена компанија од Република Македонија што ќе се претстави со свој штанд и една од ретките од земјите на Балканот што партиципира на оваа реномирана меѓународна манифестација. Меѓу големите европски производители на енергија кои со свои штандови ќе се претстават во Келн се и италијански ЕНЕЛ, германските компании ЕОН и РВЕ, француски ЕДФ, Гаспром и многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.