| четврток, 6 декември 2018 |

Избори во септември?!

glasanje 05 (Custom)

По поднесувањето на оставките од страна на 34 пратеници од опозицијата, следниот чекор треба да го направи Собранието, кое треба да ја извести Државната изборна комисија дека дел од пратениците се откажале од пратеничките столчиња.
Засега е неизвесно до кога ќе чекаат во собранискиот архив 34 оставки на пратениците од СДСМ и коалицијата, кои ги доставија минатата недела.

Парламентот, според процедурите, треба да ги констатира на првата наредна седница. А со констатирањето почнува постапката за пополнување на празните пратенички столчиња. Засега нема информација кога претседателот на Собранието ќе ја закаже седницата на која ќе ги констатира оставките од опозиционерите. Иако низ политичките кругови се шпекулира дека до крајот на неделава Трајко Вељаноски ќе констатира оставки на 33 пратеници, деловнички, следното заседание на законодавниот дом не зависи од поднесените оставки, туку од пристигнатите материјали, кои би биле точки на дневен ред.

Извори од Државната изборна комисија за ВЕЧЕР информираат дека по констатирањето на оставките тие ќе побараат за пратеничките мандати да се изјаснат следните 33 пратеници од листите на опозициската коалиција.

Според законот, новиот кандидат за функцијата треба да се изјасни во рок од осум дена. Кога ќе се констатира дека листата е исцрпена, се оди на парцијални парламентарни избори само за пополнување на испразнетите пратенички мандати.
Повторните парламентарни избори, ако се оди според динамиката што е пропишана, според познавачите, би се одржале есенва. Тогаш би се комплетирал собранискиот состав, а дотогаш Собранието може да функционира и со празните фотелји.

И покрај тоа што СДСМ И НДП на Руфи Османи се изјаснија дека и наредните кандидати од нивните пратенички листи нема да прифатат да бидат пратеници, ДИК ќе ја почитува процедурата и ќе им понуди на следните кандидати од листите да ја прифатат пратеничката функција, по примерот на Роза Топузовска – Кареска, која засега единствено го прифати мандатот како пратеник.

Подготовката на изборите и кампањата за испразнетите места во Собранието траат околу 50 дена. На новите избори право на да учествуваат имаат сите што ќе достават свои предлог-листи за пратеници. Според изборните резултати од парламентарните избори кои се одржаа на 27 април, на евентуалните нови избори партиите во изборна единица (ИЕ) 1 ќе треба да составуваат листа со 7 кандидати, ИЕ 2 ќе треба да има 5 кандидати, ИЕ 3 -7 кандидати, ИЕ 4 – 7 кандидати, ИЕ 5 – 6 кандидати и во ИЕ 6 – двајца кандидати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top