Поголемо количество чад излегуваше попладнево и вечерва од вулканот во Косел. Информацијата за Супер радио ја потврдија и од Охридската противпожарна единица од каде велат дека веднаш излегле на терен, пренесува Инпрес.
– Наша екипа излезе на терен но превентивно, зашто немаше потреба од интервенција. Вулканот реагира на промена на време – изјавија за Супер радио од дежурната служба на Противпожарната единица.
Оттаму велат дека не е првпат да бидат повикани кај коселскиот вулкан бидејќи ваква појава се случувала и претходно.
– И порано сме интервенирале таму, но овој пат се ширеше чад на поголема површина околу вулканскиот отвор, а не само над отворот – велат од Пожарната единица.
Познавачите на приликите појаснуваат дека станува збор за природна појава.
– Можно е, чадот што излегува од вулканот да биде поврзан со неговата зголемена активност, но верувам дека тоа не е поврзано со она што во моментов се случува во нашиот регион, земјотресите и поплавите – вели нашиот соговорник.
За оваа појава, како што информираат дежурните пожарникари, се запознаени сите надлежни служби, почнувајќи од Центарот за управување со кризи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.