Најавената нестабилност за вчерашниот ден резултираше со локален дожд низ Македонија во текот на попладнето, но без позначителни врнежи. Доцна попладне позначителен развој на облачност имаше во западниот дел од земјата, јужно од планинскиот масив на Jакупица (Солунска Глава), па врнежи проследени со грмежи имаше во Поречие и пошироката околина.
Сплетот на околности (циркулација во повисоки слоеви на атмосферата, како и влијание на обликот на теренот – орографија) резултираа во нагло развивање на облачност, која имаше голем воден потенцијал во скопската котлина околу 21 часот. Бавното движење на облакот преку скопската котлина беше резултат токму на струењата на висина, кои придонесоа за негово развивање. Тие го забавуваа неговото движење, и условуваа концентрирање на врнежите на мал простор. Токму затоа овој облак донесе голема количина на дожд за релативно краток период и на толку мало пространство.
Ако на Зајчев Рид беа измерени 37 литри на кавадратен метар, за истиот период на Петровец се измерија само осум литри на квадрат. Речиси сигурно е дека локално во делови од Скопје паднале и преку 40 литри на квадрат.
Погледнете ја анимација на Метеопро на која прикажани радарски снимки од Српскиот хидрометеоролошки завод во периодот од 20.00 до 22.00, во 15-минутни секвенци. Јасно се гледа големината на облакот и неговата моќ.
Мора да се нагласи дека вакви невремиња во скопскиот регион не се ништо ново и дека ќе се случуваат и во иднина. Само за пример, лани во скопската населба Ѓорче Петров за половина час наврнаа 70 л/м2!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.