Додека во Виена овогодишниот победник на „Евровизија“ беше пречекан како херој, а австрискиот министер за култура, Јозеф Остермајер, изјави дека победиле толеранцијата и почитта, во Русија тоа беше само капка што ја прели чашата. Таму веќе се зборува за формирање паралелен фестивал кој би се викал „Гласот на Евроазија“. Во Кина, пак, ликот на Кончита во текот на преносот беше прекриен и цензуриран со црн квадрат.
„Евровизија“ одамна се гордее со разновидноста и отворено го поддржува секое сексуално определување, а во публиката секогаш се вее знамето на хомосексуалната заедница. Неколку пати и самото лого на фестивалот, како минатогодишната пеперуга и мотото „Ние сме едно“, јасно ја отслика пораката што фестивалот и заедницата на ЛГБТ сакаат да ја испратат кон светот.
Како еминентен стручњак во областа на психијатријата и психотерапијата, професор Викторија Вујовиќ смета дека проблемот овојпат има друга димензија.
– Проблемот не се хомосексуалците, нив секогаш ги имало. Тоа што загрижува е промовирањето на асексуалноста – вели профeсор Вујовиќ.
Според професор Вујовиќ, вкусот на Европа станува сѐ поегзибиционистички.
– „Евровизија“ е фестивал кој мора да ги задоволи сите вкусови. Не се работи за концерт на кој оди одредена публика, која сака одреден стил. Така што, многу често се работи на сценскиот настап, кој мора да е впечатлив. Таа потреба за егзибиционизам, сепак, има граници, а годинешниот победник го помести тоа што е социјално прифатливо – вели проф. Вујовиќ.
И Марија Стефанова, психолог и психотерапевт во терапевтскиот центар „Еквилибриум“, смета дека е очигледна сѐ понагласената потреба од егзибиционизам, на што сме сведоци веќе со години.
– Имам впечаток дека изведувачите размислуваат повеќе за стратегија која привлекува внимание отколку за успешна песна или за настап. Овој обид, т.е. стратегија, на победникот се покажа успешен. Тој успеа да го привлече вниманието на јавноста и да предизвика различни реакции на здружување на ЛГБТ популацијата, но и на сите останати, бидејќи во ова време не е невообичаено да се види транссексуалец, но тој на тоа додаде уште еден момент – брада. Појавата маж да сака и да има потреба да изгледа како жена не е невообичаена, но она што привлекува внимание е комбинацијата на женствена мажественост. Сето тоа, не само што привлекува внимание, туку влијае и пошироко, најмалку збунувачки, посебно кај децата и кај адолесцентите кои се во фаза на оформување на сексуалниот идентитет. Многумина на таа возраст останаа со недоумицата дали тој е таа или тој/таа е повторно тој. Во такви услови децата остануваат збунети со перцепцијата на сексуалната определба, она што во моментов има голем публицитет. Од друга страна, тие можат да добијат слика на прифатливост на изборот, што е позитивно за создавање толеранција кон различностите – вели Стефанова.
Професор по психологија на Универзитетот на Калифорнија, држава позната по својата либералност, направил анкета меѓу своите студенти за тоа што мислат за појавата на Кончита. Седумдесет и седум од 138 студенти го објасниле настапот како навредлив и збунувачки.
– Во ред е кога некој сака да го промени својот пол, но во случајот на Кончита, кога не само што е во период на транзиција, туку и, оставајќи ја својата брада, отворено одбива да ја направи, тоа е неетички. Ако ја тргнеме етиката настрана, сепак остануваат збунетоста, апсурдноста и неприфатливоста. И моите пријатели што се хомосексуалци го имаат истото мислење. Тие се навредени, бесни и лути – пишува во објаснувањето еден од студентите.
И во Македонија постои слично размислување. Настрана музичката димензија, поточно квалитетот на песната поради која многумина ја поддржаа победата, коментарите на социјалните мрежи беа најдобар показател за тоа дека не само што не сме подготвени за појави како Кончита, туку не треба ни да се подготвуваме.
Не сме бесни само на Кончита
Вурст е само кулминација на ексцентричноста што со години се влече и се промовира со овој европски музички фестивал. „Евровизија“ почна како културен настан што по војната имаше цел да ги приближи земјите, а стана натпревар кој повеќе може да прегази врз општоприфатените норми.
Победникот од 1998 година, Дана Интернешнел, која својата земја Израел ја претставуваше и во 2011 година, е еден од најпознатите транссексуалци во светот.
Настапот на „Лорди“, финскиот хардрок-бенд кој во 2006 година се појави на сцената со маски од чудовишта, многумина го сметаа за бизарен.
Годинешниот еротски настап на претставниците на Полска многумина го сметаа за невкусен поради што го нарекоа фестивалот „Порновизија“.
Исланѓаните „Пола панк“ се облекоа како телетабиси.
(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 89. број на неделникот „Република“, 16.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.