Претседателот Томислав Николиќ викендот го минал во Бајчетина печејќи ракија, дознава „Блиц“, и додава дека Николиќ очајнички се обидува да скрие што правел минатиот викенд. Еден од соработниците на Николиќ за „Блиц“ открил дека претседателот на Србија во Бајчетина, каде што има куќа, стигнал во петокот попладне. Во саботата од рано наутро печел ракија, а во неделата имал прослава со некои многу важни гости. „Раженот чадеше цело утро“, изјавил изворот за „Блиц“.
Српскиот весник се обидел информацијата да ја провери и во кабинетот на српскиот претседател. Но, советничката на Николиќ, Станислава Пак, им кажала дека нивните прашања се „продолжување на кампањата против претседателот, која се води и за време на катастрофалната несреќата што ѝ се случи на Србија“.
„Претседателот во саботата беше во дипломатска комуникација со лидерите на Словенија, Република Српска, Белорусија и Азербејџан, директно или преку својот кабинет. Тој истовремено координираше активности за собирање хуманитарна помош за загрозените области“, изјавила соработничката на Николиќ, и додала дека во неделата српскиот претседател „му бил домаќин на близок соработник на шеик кој ветил помош од 10 милиони долари“.
На прашањето каде бил Николиќ, советничката сепак не одговорила. А, прашањето не му го поставиле само новинарите, туку и граѓаните на Србија. Група волонтери кај белградско Ушќе со вреќи полни песок испишале „Каде е Тома?“ (Где је Тома?) а фотографијата станала хит на социјалните мрежи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


