| четврток, 6 декември 2018 |

Вељаноски: Со бојкотот на Собранието, СДСМ ги бојкотира и граѓаните

Да бидеш избран третпат едно по друго за Претседател на Собранието е чест и задоволство, а самото тоа покажува и дека се вреднува трудот и работењето на одредени избрани личности, потенцира претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, во интервју за МИА.

Вељановски истакнува дека СДСМ, со неучествувањето во работата на Собранието, ги бојкотираат и оние граѓани што нив им го дале гласот. Во СДСМ, смета тој, имаат обврска не пред себе, туку пред граѓаните кои излегле на гласање и се залагале тие да бидат избрани.

– Јас се надевам дека за кратко време СДСМ ќе ја промени одлуката, ќе се издигне самата над себе и ќе дојде во Собранието за да може тоа да профункционира во полн состав. Во Собранието треба да бидат застапени интересите на сите граѓани, бидејќи, во спротивно, доаѓа можеби и до мало опуштање кое што не е добро и за самите пратеници, како и за самата влада. Но, како што кажав на почетокот, ова не е добро за државата. Испраќаме една погрешна слика дека во Република Македонија се случуваат некои работи што се несвојствени и незамисливи. Верувајте, дека во ниеден парламент на некоја демократска држава не постои бојкот на оваа институција. Во Парламентот, каде што сме непосредно избрани од граѓаните, да бојкотираш, значи да ги бојкотираш граѓаните кои те избрале и никој не дава поддршка на таквата одлука. Тука, во Собранието може и треба да се слушне и власта и опозицијата, но и етничките заедници, вели парламентарниот спикер.

Вељаноски очекува од новата влада, како и досега, да се посвети на прашањата поврзани со натамошно зголемување на економскиот стандард, како и на интеграцијата во НАТО и во ЕУ кои се наши стратешки приоритети.

– Претседателот на државата на 19 мај го даде мандатот на мандатарот за формирање влада. Тоа значи дека во рок од 20 дена, мандатарот треба да ја достави програмата на идната влада, како и листата со предлози за министри. Тоа треба да се направи најдоцна до 8 јуни, но не значи дека тоа мора да биде крајниот рок. Како претседател на Собранието веднаш штом ќе го добијам предлогот со листите за министри и програмата за работа на владата, ќе свикам седница во рок од десет дена. Овој рок е предвиден со Деловникот за да можат пратениците да ја разгледаат владината програма и да видат кои се предлозите за министри. Значи, во рок од десет дена откако ќе го примам предлогот ќе биде закажана седницата и верувам тогаш и владата ќе го помине филтерот низ Собранието, наведува Вељаноски.

Една од најзначајните работи што во третиот мандат ќе се случи, најави претседателот на Собранието Вељаноски, е завршувањето на големата, како што вели, историска обнова, доградба и надградба на македонскиот законодавен дом.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top