| четврток, 6 декември 2018 |

Доста е!

Колумнист: Ненад Мирчевски

Колумнист:
Ненад Мирчевски

Политичари, креатори на јавно мислење, новинари, партиски полтрони, самопрогласени стручњаци и аналитичари…  доста ги искористувате маките на обичните граѓани за лични интереси, доста потпалувате омраза меѓу народот, доста го браните криминалот со закани и со заплашувања со војни и уривање на меѓу етничкиот соживот!!! Доста ги правите жртви криминалците и убијците, а жртвите ги претставувате како хулигани, насилници, човекомрасци…

Ако навистина ни е до соживот, треба сите страни чес но да влеземе во негова одбрана, а не да го користиме како алиби за лично профитерство. Тринаесет години се повеќе од доволно за сите да покажеме кој колку придонесува за лекување на болните рани од конфликтот, а ретко кој може да се пофали дека успеал во тоа како жителите на Ѓорче Петров. Тие беа на браникот на одбраната на главниот град во 2001 година, директна цел на кондовската банда на Агим Красниќи во 2004 година, но и се на удар на организирани криминални  банди од околните села до ден ­денес.

За сите што не знаат, во Ѓорче, освен Македонци, живеат и многу Бошњаци, Турци, Срби, Роми, но има и Албанци. При сите тие искушенија, во ниту еден момент ниту еден жител на општината не бил малтретиран, уценуван или, не дај боже, убиен по етничка или верска линија.

Кој е вистинскиот проблем на жителите на Ѓорче Петров?

Убиството на Ангел е убедливо најкрвавиот и најбизарен инцидент што се случил во општината, но никако не може да се нарече изолиран или чисто криминален затоа што зад себе оваа, за некого наивна, кражба на велосипед има долга историја. Проблемот со пљачкосувањата на локалното население не е од вчера или од пред изборите, како што сака да го претстави опозицијата. Проблемот е стар од 2001 година, од кога жителите на населбата континуирано се изложени на терори и на притисоци од криминални банди од соседните села, кои се вооружени и уживаат политичка поддршка од одредени политички гарнитури во албанскиот политички блок. Проблемот не се решава со години затоа што при секој обид за справување со криминалните структури и при која било поголема полициска акција во овие реони се наидува на жестоки реакции на локалното население, кои се проследени со силен политички притисок. По тоа следуваат протести и поплаки до меѓународната заедница за полициска тортура врз албанското население. Уште по упростено, криминалните структури со политичка поддршка го злоупотребуваат чесното албанско население (кое има одлични односи со Македонците од овој дел на градот) како штит за своите криминални активности. Најдебелиот крај го извлекуваат жителите на Ѓорче Петров.

Ароганцијата на овие криминалци и нивното чувство на супериорност над жртвите – ѓорчепетровци ­ се отидени до таму што си дозволуваат сами да тргнат во кражба во населено место оддалечено неколку километри од нивната „база“, каде што се безбедни од законот, а при тоа да бидат и подготвени да убијат невин човек за банална причина.

Свирепото убиство ја прели чашата на толеранција, но причината за револтот беше сосема поинаква и во никој случај не е антиалбанска. Вистина е дека беа искршени излози од продавници и демолирани и запалени неколку објекти во сопственост на Албанци. Тоа се вандалски чинови кои ги осудуваат и жителите на Ѓорче.

Но, за овие испади, во кои, мора да се напомене, учествуваа голем број млади лица дојде ниод страна (според жителите на Ѓорче, тоа биле припадници на одредени навивачки групи), полицијата ја заврши својата работа и одговорните за тоа ќе понесат одговорност. Тоа е најлесниот проблем во целата ситуација, од кој, пак, опозицијата за свој личен интерес сака да создаде многу поголем, притоа занемарувајќи ја вистинската мака на жителите на Ѓорче.

На жителите од Ѓорче во овој момент воопшто не им е до политика. Не им значат ништо ниту ВМРО-­ДПМНЕ, ниту СДСМ, ниту која било друга политичка партија. Тие што сега ќе се обидат да флертуваат со нив, само ќе загубат. Тоа што ним итно им е потребно и го бараат е државата преку локалните власти и останатите институции да ги заштити од тие криминални банди, кои речиси секојдневно ги пљачкаат и им го загрозуваат животот. Долгогодишното живеење под стрес деновиве еруптираше на на чин на кој можеа да видат тие што беа таму. Сите останати имаат искривена слика на случувањата поради начинот на кој известуваа одредени опозициски медиуми. Која беше целта на давањето етничка димензија на целиот проблем знаат само тие.

Не можеме да ја обвинуваме полицијата кога спречува грабежи и инциденти од поголеми размери на протести, но не можеме да го судиме и гневот на граѓаните кон политичарите што аминуваат или премолчуваат крвопролевања. Не можеме да ја занемариме одговорноста на локалните власти во Ѓорче Петров и во Сарај кои долги години не можат да направат соодветна стратегија или каков било заеднички план за решавање на овој сериозен безбедносен проблем.

Во сето тоа уште поголема одговорност имаат и лидерите на албанските политички партии, кои, наместо да глумат загриженост која ја изразуваат преку соопштенија, треба да покажат на терен, меѓу обичните граѓани, што за нив значи поимот соживот. Токму поради замижувањето на одговорните пред маката на жителите на Ѓорче Петров, мостовите што ги поврзуваат Македонците и Албанците од двете страни на Вардар, на место зближување, создадоа раздор и омраза.

Политичари, креатори на јавно мислење, самопрогласени стручњаци, што е многу, многу е…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top