| четврток, 6 декември 2018 |

Виновниците не можат да бидат жртви

Колумнист: Ненад Мирчевски

Колумнист:
Ненад Мирчевски

Разликата од 200.000 гласa не беше доволна да ги натера Заев и раководството на СДСМ да  признаат дека нивната политика и пристапот кон граѓаните се погрешни. Mесто да ја признаат вината и да ја понесат одговорноста за дебаклот, тие решија да продолжат да се претставуваат како жртви – проѕирно сценарио,  кое го сфати целата јавност уште откако партискиот врв избегна директно соочување со народот, а како жртви ги принесе членовите од пониските партиски ешалони.

Всушност, стравот на опозицијата од соочување со граѓаните е јасно видлив со години. Ниту едно раководство не сакаше да направи вистински партиски реформи, а не се помачи ниту да  направи сериозна програма со која ќе ѝ парира на власта. Мислите секогаш им беа насочени кон  предизвикување кризи и хаос во кој најдобро се снаоѓаат. Затоа и во последните години сме  сведоци на постојани закани за бојкот. Но, истиот овој Заев не размислуваше вака лани. Пред локалните избори тој беше меѓу најгласните противници на идејата на неговиот тогашен шеф за  бојкот на изборите, а вистинската причина за тоа не беа ниту последиците по државата, ниту по  партијата, туку стравот дека ќе ја загуби својата градоначалничка фотелја и комодитетот што му го  нуди функцијата. Сега Заев е безбеден на градоначалникот столче, па затоа нема никаков проблем да заговара бојкот и да ги фрли во вода своите сопартијци што добија мандат, заедно со гласовите на народот што гласаше за нив.

Образложението дека „политичката криза ќе создадела терен за  битка“ е крајно несериозно. На опозицијата треба да ѝ биде јасно  (а целиот демократски свет тоа  одамна го знае) дека со бојкот никогаш нема да се дограбат до власт, туку напротив, тоа може да премине  во лоша практика од која никогаш нема да се извлечеме. Ако ова сценарио на СДСМ  помине, тогаш која е гаранцијата дека утре нема да го направат истото и ДУИ или, пак, ДПА? Зошто не би го направиле тоа и ВМРО-ДПМНЕ на некои следни избори во кои партијата ќе загуби? Ако Заев, Шекеринска и другите од раководството на партијата решиле да не ги признаат резултатите, тоа е нивни проблем, но тие немаат право да ги држат во заложништво ниту државата, ниту мнозинството што не гласало за нив, ниту своите гласачи, ниту, пак, пратениците на СДСМ, кои ја добија довербата од граѓаните и очекуваат да ги претставуваат во парламентот нивните барања. Ако тие имиња на листите се поистоветат со погубната одлука на Заев, треба да се свесни дека нивната политичка кариера ќе заврши заедно со неговата и ќе заминат во заборав заедно си својот лидер.

Вистинската работа што треба да ја направи опозицијата во овој момент е да ги лоцира своите грешки и да ги поправи. Тоа подразбира темелно проветрување на Бихаќка почнувајќи од  канцеларијата на лидерот Заев. Дали ќе ги прифатат забелешките или не, тоа е нивна работа, но ако членовите на партијата не побараат одговорност од лидерите за тројно зголемената разлика од претходните избори, тогаш  треба да бидат свесни дека уште долго нема да можат да се наметнат како сериозна опозиција, која ќе понуди нешто поинакво од сите претходни гарнитури на  раководства.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top