| четврток, 6 декември 2018 |

Без роаминг во Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Албанија и Косово

роаминг
Граѓаните на државите на Балканот што се уште не се влезени во Европската унија наскоро би можеле да разговараат меѓу себе без да плаќаат високи сметки за роаминг. Според Роберт Орданоски, директор на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), расположението за да се направи цените на разговорите по телефон да бидат како во матичната држава, е огромно кај регулаторните тела на Србија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, пишува Вечер.
– Оваа иницијатива е алтернатива на една поранешна иницијатива што произлезе од страна на Македонија, Србија и Црна Гора, а упатена до Европската комисија да дозволи граѓаните на трите држави кога се во ЕУ да разговараат без роаминг. За таа цел и беше потпишан меморандум кој до доставивме до Брисел и се уште чекаме одговор. Малку поспоро оди отколку јас очекував и на сите состаноци тоа го акцентирам дека е сериозен проблем за нас. Ќе бидеме упорни и мислам дека на крај упорноста мора да се исплати. Во тој дел ЕК е поригидна, побирократска, процедурите им се поспори. Затоа пак, сериозно работиме на потпишување на договор со земјите што не се членки на ЕУ да го укинеме роамингот на билатерално ниво. Но, сепак, тоа е доста комплексно, бидејќи во Македонија работат европски оператори…Еве на пример, во Хрватска која влезе во ЕУ имаат изгубено над една милијарда евра од укинувањето на роамингот – вели Орданоски за време на првата јавна седница на АЕК за оваа година каде на претставниците на сите оператори во земјава им беа презентирани идните мерки.

Како што рече Орданоски, интенцијата е да се достигне европската дигитална агенда која предвидува до 2020 година сите претплатници да имаат пристап до интернет со брзина од над 30 мегабити во секунда и 50% од претплатниците да имаат пристап до интернет со брзина од над 100 мегабити во секунда.
– Новата регулаторна рамка ќе им овозможи на операторите да ги подобрат своите перформанси, да работат на изградба на нови оптички мрежи што ги овозможуваат овие брзини на интернет – напомена Орданоски.

Според податоците на операторите, во Македонија моментно само 3,5% од корисниците имаат интернет пристап со брзина поголема од 30 мегабити во секунда.
– Во моментот најголем број на корисници во Македонија се во рамките помеѓу 8 и 20 мегабити во секунда. Тоа се сервисите што ги нудат и тоа се брзини што одат преку постоечката бакарна мрежа. Да речеме, ОНЕ препродава услуги од постоечката бакарна мрежа на Македонски телеком кое има технички карактеристики и до 20 мегабити во секунда. Ние сакаме да овозможиме услови за развој на оптичка мрежа. Затоа сакаме преку тоа што ќе им овозможиме на операторите да го поделат трошокот за поставување на своја оптичка мрежа во еден заеднички ров да ги мотивираме да инвестираат во современа мрежа по поевтина цена, и второ, да овозможиме разврзување на постојните оптички мрежи, односно да може секој алтернативен оператор кој што нема своја мрежа да ги користи оптичките мрежи по поволни комерцијални услови и регулирани цени – вели Орданоски.

Според него, оптичката мрежа му овозможува на операторот да понуди податочни сервиси, како апликации преку интернет, видео и кориснички апликации, е-комерс и купување преку интернет, од кои може да остварува поголеми приходи.
– Нашите оператори се уште се фокусирани на говорните услуги и затоа приходите им паѓаат. Кај нас 90% од приходите на операторите се од говорни услуги, додека во Јапонија, на пример се само 40%, а 60% се од податочните сервиси. Тоа мора да се промени кај нас, тоа е иднината – објаснува Орданоски.

Според него, податоците за квалитетот на сервисите што мобилните оператори ги нудат на своите крајни корисници во првиот квартал, се доста загрижувачки.
– Во изминатиот период извршивме мерења на мрежите на сите три оператори во делот на 2Г и 3Г мрежите, како и во делот на говор и на интернет. Податоците се доста загрижувачки, морам да признам, АЕК со својот правилник за квалитет на сервиси ќе ги санкционира сите оператори што нема да ги овозможат целите за квалитет што се зададени во нашиот правилник. Секојдневно доаѓаат корисници кај нас, се жалат на перформансите на мрежите на операторите. Податоците од нашите мерења се постираат секојдневно на нашиот веб сајт комуницирај.мк со цел граѓаните да имаат информации за операторите и за квалитетот на нивните сервиси, како за мерењата на нејонизирачкото зрачење – вели Орданоски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top