| четврток, 6 декември 2018 |

Занаетчиството претставува фактор за економски развој и негување на традицијата

занает
Занаетчиската комора на Скопје денеска традиционално ги почна „Деновите на занаетчиството“ на кои ќе се обиде да ги доближи занаетите до младите луѓе и да ја поттикне свеста за занаетите како фактор за економски развој и зачувување на традицијата и на културата.
На тезгите изложени пред просториите на Занаетчиската комора Скопје посетителите ќе имаат можност во следните три дена да погледнат како се изработуваат одредени ракотворби, да споделат искуства и да купат рачно изработени предмети.
– Манифестацијата ја правиме во соработка со средните стручни училишта на територијата на град Скопје со цел учениците да ги насочиме во развој на занаетчиството и на тој начин да можат да обезбедат егзистенција. Нашата примарна цел е учениците кои се обучуваат кај нашите мајстори во иднина да најдат полесно вработување – изјави претседателот на Занаетчиската комора, Никола Петров.
Според него, младите треба да се насочуваат кон занаетчиството затоа што има занаети што изумираат, а се барани на пазарот.
– Има недостиг од многу струки. Има занаети како пластичари или часовничари, кои полека изумираат. Апелирам младите да посветат повеќе внимание за своето образование во занаетчиството – истакна Петров.
Деновите на занаетчиството е традиционална манифестација што ја организира Занаетчиската комора Скопје. Покровител е Град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top