Месецот февруари не ни постоел додека Нума Помпилиус, вториот од седумте римски кралови не го додал во календарската година. Бројот на неговите денови често се менувал, додека во 44 година пред нашата ера не ја добил конечната бројка.
Февруари е вториот месец во годината во јулијанскиот и грегоријанскиот календар. Има 28 дена, 29 во престапна година и е единствен месец кој има помалку од 30 дена. Но, дали знаевте зошто токму тој е единствениот кој има помалку од 30 дена во месецот?
Откако е измислен февруари, тој на реформаторите на календарот секогаш им служел како добро место каде што може да ги исправаат своите грешки и да вршат други корекции во календарот. Во најстарото доба во древниот Рим, календарот имал само 10 месеци. Шест месеци траеле по 30 дена, а четири по 31 ден.
Годината започнувала со месецот март, а завршувала со крајот на декември. После декември, доаѓал период кој едноставно не се сметал, т.е. деновите не се броеле се` до доаѓањето на поубавите денови и почетокот на март.
За да ја потполни оваа празнина за време на зимата, Нума Помпилиус, вториот од седумте римски кралови, одлучил во календарот да додаде уште два месеци: јануари и февруари, но така што календарската година да трае 354 дена. Тогаш во употреба бил лунарниот календар (календар усогласен со Месечевите мени), а годината по лунарниот календар трае од прилика толку (29,53 x 12 = 354,38) денови.
За да добие доволен број на денови за двата дополнителни месеци, Нума од секој месец кој траел 30 дена одземал по еден ден, па за двата нови месеци, па за двата нови месеци останале 56 дена. Значи, требало секој од тие два месеци да трае по 28 дена. Меѓутоа, во тоа време Римјаните поради суеверие избегнувале парни броеви, па во јануари бил додаден уште еден ден. Вториот месец, пак, останал со 28 денови, но, иако се работело за парен број, се сметало дека тоа е коректно затоа што вториот месец бил посветен за прочистување наменето за култот на мртвите.
Значи, тој календар траел 355 дена. Февруари имал 28, март, мај, јули и октомври по 31, а јануари, април, јуни, август, септември, ноември и декември по 29 дена. Но, годината по тој календар за некои 10 дена и неколку часа била пократка од тропската, вистинска година и затоа требало повремено таа година да се проширува со вметнување на дополнителни денови.
А каде да се додадат нови денови? Па, се разбира, во февруари. Секоја втора година измеѓу 23 и 24 февруари се додавал уште еден месец кој се нарекувал Мерцедониус, а кој се состоел еднаш од 27, еднаш од 28 дена. Па, поради тоа, таквиот календар претрпел нова реформа.
Тоа се случило во 45 година пред нашата ера, кога календарот почнал да се прави според движењето на Сонцето (соларен календар). Прво, требало да се додадат неколку денови за календарот да се усогласи со природните појави. Секако, новите денови биле вметнати во февруари.
Бидејќи годината според овој календар била пократка од вистинската година, одлучено било секоја четврта година да биде престапна. Престапниот ден, секако, се додава во февруари. Во тоа време многу месеци претрпеле извесни промени, па и февруари станал поголем за еден ден и имал 29 дена, 30 престапни години. Бидејќи реформата на календарот ја иницирал Јулие Цезар, календарот го добил името Јулијански календар.
Нешто подоцна, 44 години пред новата ера, Сенатот одлучил месецот Квинтилис во чест на Цезар, да го добие името Јулиус (јули), а потоа и Секстилис го променил името во Аугустус (август), по посвоениот син на Цезар и наследник Октавијан Август. Но, проблемот бил во тоа што месецот август имал само 30 дена, а јули 31 ден. Целата работа била решена, така што,од февруари бил одземен еден ден и додаден во август.
И тогаш, пак се појавил проблем, затоа што три месеци од по 31 ден се нашле еден до друг: јули, август и септември. Затоа, било одлучено дека септември и ноември ќе имаат по 30 дена, наместо по 31 ден, додека октомври и декември ќе имаат по 31, наместо 30 дена. Така, повторно била направена каква-таква симетрија. Два летни месеци јули и август ќе имаат по 31 ден, како и два зимски, декември и јануари.
Дури на почетокот на 17 век, повеќето земји го прифатиле 1 јануари како прв ден во годината. Таквата состојба се задржа до ден денес. Или можеби, до некоја нова реформа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.