| четврток, 6 декември 2018 |

ММФ го потврди порастот на Македонија, предупредува на последиците од поплавите на Балканот

mmf

Асим Хусеин, директорот на европскиот оддел на Меѓународниот монетарен фонд, ги потврди оцените за солиден економски пораст за Македонија во текот на оваа година од преку 3,5 проценти, како и за следната година, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Хусеин, кој синоќа ја претстави економската ситуација во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон, нагласи дека поплавите во Босна и Србија можат да имаат сериозен ефект врз овие две земји.

– Мислам дека, генерално, целиот регион ќе има економски пораст. За Македонија, исто така, предвидуваме дека и натаму ќе има економски пораст. Како што знаете, од 2013 година почна заздравувањето на економскиот пораст – изјави Хусеин.

Според него, главна задачa за регионот, особено за позадолжените држави како Хрватска и Србија, ќе биде да обезбедат пораст на кредитните линии за стопанството и финансирање со кредити од странство. Според директорот од ММФ височината на долгот на овие две земји ќе го забави нивниот економски пораст.

Дополнително, Хусеин воедно предупреди дека катастрофалните поплави што ги зафатија Босна и Србија ќе имаат влијание врз нивните економии во текот на оваа година.

Покрај поплавите, дополнителна причина за загриженост, според Хусеин, е кризата во Украина и најавите на Европската унија за засилени санкции против Русија.

Хусеин ги издвои и Грција, Бугарија, Романија и Унгарија како земји, чијшто економски пораст страда од нивото на корупција. Тој предвиде дека најбргу растечки економии во источна Европа, со по 5 проценти пораст, ќе бидат водечката Полска, како и Латвија, која расте особено брзо по големиот пад на економијата во кризата во 2008 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top