Вевчани викендов е домаќин на традиционалниот карневал. Манифестацијата е стара повеќе од 1.400 години и е спој на паганското и современото. И оваа година како и секоја претходна, во пресрет на Стара Нова година и празникот Василиц, ќе се продефилираат најразлични маски.
Годинава ќе гостуваат музичари од Македонија и од соседните земји. Преткарневалската програма почна вчера со новогодишен концерт на КУД Дримкол од Вевчани, а синоќа настапија: Скандал састав, Верица Ристевска, Стрингс – Пламенка Трајковска трио, Пука козметика и Дивље јагоде. Беше презентиран и меѓународниот проект „Карневалот крал на Европа“.
Вевчанскиот карневал официјално ќе почне денеска напладне и вечерта ќе продолжи со фолк-програма и учество на Чаки панкерот, Дијана бенд, Нино Величковски и Благица Павловска. Карневалот завршува на зајдисонце на Василица, 14 јануари, со церемонијално палење на маските. Фрлањето на маските во огнот го симболизира уништувањето на злото, прочистување од лоши духови и влегување со чиста душа во новата година која на тој датум почнувала според стариот календар.
– Најмногу ме радува што во карневалската поворка има се повеќе млади луѓе, и машки и женски, што не било во изминатиот период. Тоа ни дава голем мотив и сила да и покажеме на јавноста како се штити традицијата, рече градоначалникот Перо Илиевски кој на прес-конференција минатата недела покани на масовно присуство од 12-ти до 14 јануари во Вевчани. И оваа, како и во изминатите три години, Министерството за култура го помага Вевчанскиот карневал со еден милион денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Со Василичарско оро и палење на маските завршува Вевчанскиот карневал
-
Со дефилето под маски напладне почнува Вевчанскиот карневал
-
Уште едно издание на Вевчанскиот карневал-една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во државата
-
Внимавајте: Со ваква маска на Вевчански карневал може да бидете уапсени


