Општина Вевчани денеска ја презентираше програмата за претстојното издание на Вевчанскиот карневал 2017, една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во државата.
На презентацијата на програмата учествуваа дел од музичките изведувачи кои ќе настапат на годинашното издание, заменик министерот за култура, Драган Недељковиќ и Градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски.
Вевчанскиот карневал се одржува еднаш во годината и го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар.
Вевчанци секоја година ја негуваат традицијата која трае со векови, и се маскираат на Василица. Годинава, продукцијата “Пасворд” е организатор на музичкиот и на забавниот дел на карневалот. Музичкиот дел почнува на 12 јануари, од 21 часот.
Гостите на карневалот ќе ги забавуваат аренби дуото ДНК, женската четворка од Нови Сад “Фрајле”, и за крај, групата “Нокаут”.
На 13-ти јануари во 13 часот е традиционалното дефиле на маските, кое ќе трае цело попладне, а потоа вевчанци и гостите се подготвуваат за вториот музички ден. Од 21 часот на Стара нова година, музичката програма е во знакот на македонските фолк-пејачи. Ќе пеат Анета Наковска и Ефто Пупиновски.
Вевчанскиот карневал завршува на 14 јануари со традиционалното палење на маските.
-Еден од најпознатите настани во Вевчани е Вевчанскиот карневал. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но сепак во последните години во организација на Општината и Министерството за култура, се воведува ред во овој инаку хаотичен вонвременски настан. На вечерта спроти Василица, штом се спушти ноќта, горномалската и долномалската тајфа василичари тргнува во обиколка на куќите. Пред секоја оро, пред секоја грст мрсни шеги за домаќинот и домашните, песни, и ,, Сурва година, со женcки јагниња, машки дечиња, женски телиња…… Ураааааа!!! ,,. Големите желби за плодна и среќна година и донесената веселба домаќините ги наградуваат со парче леб, неготвено месо и згора на тоа пари. На вевчанскиот карневал познат е обичајот „Крштевање вода во извор“ во водите на познатите вевчански извори. Тоа се прави кога негде ќе се расцути муграта под налетот на зората во два или три часот наутро, на 14 јануари, на Василица. Иако рано, учесници се, речиси, целото село, 1.000 до 1.500 вевчанци. Во нив има повеќе жени од мажи, има и стари, но повеќе млади вевчански генерации. Остварувањето на овој обичај е сврзан со предметите ѓум или бакарно котле, а поретко има литургија или погача, домашно месена и печена. Главниот предмет за обичајот „Крштевање вода“ е василичарската китка. Неа некои ја прават како крст, но задолжително од три гранчиња: дрен, босилек и василичарка. Секое гранче на китката има посебна цел: дренот е тврдо дрво, рано ја најавува пролетта и раѓа здрав живот и богат бериќет. Босилекот е господово растение со кое се благословува плодност, нов и здрав живот и бериќетно лето. Пак, василичарката е растение со боцки кои го прогонуваат злото и се што е страшно, лошо и неприфатливо за новата година. И за овој обичај главнината на поворката ја чинат горномаалските и долномаалските василичари. Тие се предводени од зетот и невестата со побратимите и музиката. Во оваа пригода селскиот поп игра главна улога. Попатно на поворката се придружуваат соселани од сите селски маала кои се упатуваат кон изворите. Ова вевчанци, како обичај го викаат „одење на вода“. Тука во водите на вевчанските извори се прави чинот на крштевање вода: молитвите на попот, кршењето на лебот и квасењето на василичарската китка, го симболизира крштевањето на водата, а потоа се полнат бакарните садови. По ова зимската атмосфера се облагородува со песни, игри, желби и честитки „За многу години – Сурва година“. Потоа следува враќањето дома, каде што продолжува празнувањето на обичајот. Во домот „крстената вода“ од бакарниот сад се дели на половина. Целта нејзина е да се употреби за две намени. Првата се однесува на водата што ќе остане во котлето. Имено, домаќинот со садот „крстена вода“ тропа на затворената врата на својата куќа, а потоа вратата се отвора и почнува првата церемонија на остварување на обичајот. Тој ја кваси китката и ги прска просториите во куќата – домот, благословувајќи „за убајна, бериќет за женски јагниња и телиња и за полни амбари жито и бочви со вино“. Домаќинот и прскањето со „крстена вода“ го прави и во просториите каде што се одгледува стоката и живината: пондилата, кокошарниците. И ова се прави за добро и подобро во новото Господово лето, рече Градоначалникот на вевчани Цветомир Угриновски.
Последните испитувања на теренот носат сигнали дека вевчанскиот карневал е постар од утврдените 1.400 години. Се цени дека неговиот почеток е 800 години пред тоа. Кажувањата и тврдењата дека карневалот не постоел во турско време се неточни, пред се од причина што Вевчани никогаш не било под турска окупација. Затоа и не може ништо од неговото постоење да биде забечежано во турските тефтери. Почнувањето на овок пагански обичај јасно ја одсликувала потребата на луѓето преку маски да се ослободат од злото и од црните мисли. Токму затоа, Вевчанскиот карневал, всушност, претставува културно-забавна манифестација со примеси на наука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.