| четврток, 6 декември 2018 |

Внимавајте: Со ваква маска на Вевчански карневал може да бидете уапсени

Овогодинешниот карневал на опшина Вевчани како и секоја година ќе биде обезбеден од страна на полицијата на МВР, но овојпат во зголемен број.

Василичарскиот одбор на чело со градоначалникот на општина Вевчани прати апел до жителите да не доаѓаат со маски од ИСИС, а доколку се појави таква личност ќе биде веднаш приведена од страна на полицијата, пишува „Шило магазин“. Тоа што се случи во Париз беше голем шок, велат Вевчанци, затоа оваа година безбедноста во Вевчани ќе биде ставена на прво место.

Карневалот, што се одржува под покровителство на Министерството за култура, годинава ќе трае четири дена и ќе почне на 10 јануари со културна програма и изложба на слики од познатиот сликар Славчо Упевче. На 12 јануари во 21 часот ќе почне музичкиот дел од програмата со настап на „Слатакристика“, „С.А.Р.С“. и „Брас Брадерс“, на 13 јануари е свеченото отворање на карневалот и дефилето на маски, а вечерта настапуваат Есма Реџепова и Наум Петрески, како и групите „Инфузија“ и „Перо Бели“. На полноќ ќе има петминутен огномет со кој ќе се означи доаѓањето на Новата година по јулијанскиот календар. Последниот ден на 14 јануари утрината е традиционалното одење на вода на Вевчанските Извори, а  напладне завршува манифестацијата со василичарското оро и палењето на маските.

Градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски вели дека сѐ е подготвено за карневалот и очекува на двата главни фестивалски дена да има по 10.000 посетители, а интерес, како што рече на денешната прес-конференција, има и од земјите од соседството и пошироко.

– Вевчанскиот карневал е уличен театар без режија со кој со сатира и хумор се одбележуваат сите значајни настани што се случиле во изминатата година. Годинава што помина беше турбулентна на секое поле и затоа очекувам да има и политички маски. Како градоначалник немам ингеренција за маските, а и тешко е да се контролираат околу 1.000 маскирани лица кои 36 до 40 часа се под маска на ниски температури. За да можат тоа да го издржат тие се под дејство на алкохол. Затоа секој обид да се влијае на маскираните само може да биде разбран како дополнителна провокација, рече Угриноски.

Вевчанци, нагласи, сѐ ќе ви признаат, но до последниот момент нема да ви кажат во што ќе се маскираат. Маските, како што рече, се држат во тајност и можат да се видат дури на дефилето на 13 јануари.

Угриноски ги повика сите заинтересирани да дојдат на карневалот и додаде дека на 12. и 13 јануари секоја куќа во Вевечани е отворена за сите добронамерници и им нуди убаво вевчанско вино, топла ракија и луканци. Апелираше до ЕВН Македонија да се надминат проблемите со снабдувањето со електрична енергија во Вевчани и за време на траењето на манифестацијата да нема прекини на струја.

Мишо Китаноски, хроничарот на карневалот, посочи дека на оваа манифестација во Вевчани постојат два паралелни света од кои едниот му припаѓа на пагнаството, а вториот на православното христијанство.

– Задолжителни елементи на карневалот се зетот и невестата кои се олицетворение на плодноста и на продолжувањето на семејната лоза, двата ѓавола олицетворение на злото и двајцата глупи августи кои го олицетворуваат карневалот и прават што сакаат. Тоа буквално значи дека Вевчанскиот карневал е дневно издание на сатирично-хумористичен, весник или емисија. Паганскиот дел се случува на улица, а христијанскиот во семејството, потенцира Китаноски.

Вевчанци, додаде, за Василица прават групни маски со кои се карикираат настаните од претходната година.

– Василичарите, односно луѓето кои се маскирани, се театар под маски, уличен театар и театар на апсурдот. Велам театар на аспурдот затоа што освен шесте традиционални маски – зетот, невестата, двата ѓавола и двајцата глупи августи сите други се натпреваруваат кој ќе ја постигне својата оригиналност во идејата и каква порака ќе испрати до гледачите. Секоја група е сама автор на сценариото, костимографијата и играта и секојпат вевчанските василичари се подготвени на хумористичен начин да ни пратат пораки, рече Китаноски.

Вевчанскиот карневал е спој на паганството и христијанството и има традиција од над 1.400 години. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот календар. Паганскиот дел, маскирањето и палењето на маските, пак, се за да се заштитат од лошите духови.  Се смета за една од најголемите и најуникатни културни знаменитости во Македонија. Од 1993 година Вевчанскиот карневал и Вевчани се членови на ФЕЦЦ – Асоцијација на светските карневалски градови.

За карневалот се објавени четири монографии, а лани го следеше и екипа на „Би-Би-Си“, која сними документарен филм  и го оцени како најдобар пагански карневал во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top