| четврток, 6 декември 2018 |

Лазаров: Најважен од сѐ е тимот

Најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров и еден од најдобрите десни бекови даде интервју за официјалната веб-страница на завршниот турнир од Лигата на шампиони во Келн (www.ehffinal4.com).

Со Атлетико Мадрид веќе играше во Келн. Што е сега поразлично, со оглед на фактот дека доаѓаш носејќи го дресот на Барселона?

Досега двапати бев дел од завршниот турнир и тие искуства ќе ми помогнат да бидам уште подобар годинава. Пресреќен сум што повторно ќе дојдам во Келн.

Во полуфиналето се среќавате со Фленсбург, тим што нема доволно силни шутери на бековските линии. Дали е тоа предност за Барселона?

Не се согласувам со тоа. Сите германски екипи имаат добри шутери во своите тимови, мислам дека немаме посебна предност бидејќи двата тима се подеднакво силни во сите аспекти на играта. Имам огромна почит за Фленсбург, во последните две-три години овој тим константно ги покажува врвните квалитетни во сите натпреварувања во кои учествува. Тренерот Љубомир Врањеш врши одлична работа со овој тим.

Барселона се мачеше во четврт-финалето со Рајн-Некар Левен за да се пласира на овој турнир. Дали фактот дека ќе играте само еден меч во полуфиналето е предност или проблем за вашиот клуб?

Претпочитам да играм два натпревари бидејќи благодарение на ваквиот систем на натпреварување стигнавме на Ф4. Да се игра еден меч во Германија против германски ривал знае да биде многу тешко, тоа претставува голема предност за нашиот противник. Згора на тоа, треба да имате два перфектни дена во низа за да го кренете пехарот.

Споредете го Рајн-Некар Левен со Фленсбург, кој тим е посилен?

Одговорот е едноставен, Фленсбург стигна до билет за Келн, така што овој тим заслужува да биде еден од најдобрите четири во Европа.

Ќе има ли македонски фанови што ќе дојдат во Келн да те бодрат тебе и твојот тим?

Знам дека некои пријатели ќе дојдат во Келн. Ракометот е многу важен во мојата земја, нивото на квалитетот забрзано расте, за што најдобра потврда е фактот дека Вардар и Металург беа многу близу и самите да обезбедат учество на овој турнир.

Која е најголемата сила на Барселона оваа сезона?

Едноставно, тимот, имаме врвни ракометари со огромно искуство. Играме многу добро во текот на целата сезона, но мислам дека сѐ уште не сме заиграле перфектно, да го покажеме сиот свој потенцијал. Сепак, за да се биде успешен на завршниот турнир, треба да се одиграат две перфектни средби.

Во 2012 година стигна до финалето со Атлетико Мадрид, но загуби од Кил. Размислуваш ли за одмазда против овој тим?

Настан како Ф4 од Лигата на шампионите е специјален сам по себе, така што јас воопшто не размислувам на овие мечеви како на шанса за одмазда. Едноставно, целта е да се биде фокусиран и да се одиграат што подобро два натпревари во рок од 24 часа.

Познат си како „гол машина“, колку ќе бидат значајни твоите голови во Келн?

Не ми е гајле за моите голови, најважен од сѐ е тимот. Лично се чувствувам почестен што одново ќе бидам во Келн, ќе работам напорно и ќе настојувам да играм најдобро што знам на секој меч, но не размислувам за бројот на постигнати голови.

Како би сакал да изгледа насловната страница во шпанските спортски весници на 2 јуни?

Не сакам да размислувам за такви работи додека не почне завршниор турнир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top