Шаќири: Без компромиси, нека нѐ водат најдобрите
Пред неколку дена се навршија десет години од најпознатиот, најважeн и највртен гол во историјата на македонскиот фудбал, тој од корнер против Англија во Саутемптон, кој го постигна стружанецот Артим Шаќири. По долга апстиненција, Артим од ова лето повторно е присутен како тренер на тетовска Шкендија. Искрен, нерасипан, отворен, Шаќири е единствениот што им остана омилен и на „Комитите“ и на „Балистите“.
Артим, од оваа временска дистанца, како ти изгледа тој гол од корнер што му го даде на Симан? Колку таа итроштина и вештина ти помогнаа да создадеш име и кариера?
Шаќири: Тоа се незаборавни моменти, време што не се враќа, но и спомен што не се брише. Ни помогна на сите да излеземе од анонимниот свет, да создадеме кариера, барем за еден период да се почувствуваме важни. Влијаеше и на кариерата на сите што беа дел од таа прекрасна ноќ. На мене, можеби, најмногу.
Повторно си назад во македонскиот фудбал. Што те предизвика да се појавиш по неколку години во кои беше апстрахиран од овдешната фудбалска јавност?
Шаќири: Одлуката фудбалски да живеам инкогнито беше моја и се должеше само на односите што владееја. Сомнителни натпревари, насилство, политика на теренот. Нема да кријам, најмногу ме погоди отсуството на сенс кај некои, тогаш важни личности, да не ми направат чест и да не се простам со барем петминутен настап на пријателскиот натпревар со Шпанија летото 2009 година. И денес не ми е јасно зошто не ми беше овозможена чесна проштална средба, кога навивачите го сакаа и го очекуваа тоа.
„Отсекогаш сум бил за тоа најдобрите да работат во фудбалот и да не се води сметка за тоа кој од каде е или што е. Модерниот фудбал не дозволуваат такви компромиси, па макар бил во прашање и Бадентер“
Артим, не е тајна дека си еден од ретките во Македонија што заслужиле огромен респект кај двете главни заедници. „Република“ ја интересира, а ти го гледаш тоа низ призма на играта, дали се релативизираат состојбите во Македонија?
Шаќири: Па, во основа, да, иако не треба се мешаат работите. Нека си ја гледа секој својата работа. Така ќе биде најдобро.
Каде и во каква форма ја гледаш Македонија за десет години? Што преовладува, тенденција на приближување или, пак, се оддалечуваме?
Шаќири: Ние спортистите сме блиски и за нас никогаш немало проблем. Не би сакал да се занимавам со други области затоа што, можеби, јас и не сум најупатен. Се држам до добропознатиот терен, спортскиот.
Комуницираш и со едните и со другите. И со загреаните навивачи и со видните, кои доаѓаат на фудбал за да се сликаат. Како треба да се градат мостови? Има ли во твојот фудбалски опус патокази за ситуации како нашата? Виде ли ти некаде модус што е приспособлив за оваа територија?
Шаќири: Да, да видов и низ кариерата, каде и да играв, а гледам и сега. Па видете ги Германија со пет-шест играчи што не се Германци, Франција со девет црномурни фудбалери или Швајцарија за која играат шест Албанци и уште шест други, а Турчин е капитен. И сѐ функционира. Да им се подаде рака на сите и сите, очигледно, ќе вратат со добро.
Кој треба да ја преземе општествената одговорност да ги доградува односите: институциите, партиите, јавните личности?
Шаќири: Сите, ама не сум сигурен дека сакаат. Можеби некому му одговара вака да се одвиваат работите. Некој постојано има корист од вакви ситуации. И во фудбалот е така.
Според тебе, што може да биде главно кохезивно оружје на миротворците: политиката, спортот, образованието, семејството или нешто друго?
Шаќири: Па, веројатно, комбинација од сите дејности и групи. Не ги потценувам другите, но јас, секако, сметам дека спортот е најелегантниот и најсуптилен начин за иницирање заедништво. Има најразновидни начини младите да се приближуваат преку спорт, само да се има минимум желба.
„Има начин да се градат мостови, само не треба да се мешаат работите. Секој нека си ја гледа својата работа и својата област. Така ќе биде најдобро“
Назад на спорт. Што те предизвика по удобниот период да прифатиш тренерска работа?
Шаќири: Никогаш немав дилема што ќе работам по завршувањето на играњето. Десетина години се подготвувам, пишувам, препишувам акции, модели на игра. Едноставно, чекав поволна шанса за да се вратам на терен. Од Тетово беа коректни, се договоривме брзо и сега треба да видиме како ќе тече оваа соработка, која треба да трае до крајот на првенството.
Што треба да направиш со Шкендија? Има ли императив за титула?
Шаќири: Не, нема такви ултимативни барања. Европа да, и плус создавање играчи или, попрецизно креирање на талентите што ги има во клубот. Но, искрено, со оглед на тоа со каков кадар располагам и како се одвиваат работите во нашата Прва лига, сѐ е можно, па и двојна круна. Но, велам, нема притисок.
Како ја оценуваш конкуренцијата? Има ли логика Турново да биде лидер или уште повеќе Турново првак, Дрита освојувач на купот?
Шаќири: Има, нема причина да не биде така и во мај, што нема да го намали реномето на македонскиот фудбал. И добро е што секаде се инвестира, што има интерес, само мора да се почитуваат критериумите. Мислам дека светот оди напред во делот на условите што им се обезбедуваат на играчите и на навивачите, а ние овде одиме чекор назад.
За квалитетот. Во кој правец оди нашиот фудбал?
Шаќири: Стагнира десет години. Веројатно, дури и оди надолу. Репрезентацијата е најсликовит доказ за тоа. Ние едно време бевме 45. во светот, сега сме под 100. позиција. Повремените европски клупски излети, како тие на Вардар или на Работнички, не се доволни. Ние секоја година мора да имаме претставник што долго, во текот на летото, ќе го привлекува вниманието и потоа ќе го подига интересот за нашата лига.
Те нема во и околу ФФМ. Не беше во претходната постава, не си ни во оваа.
Шаќири: Јас го направив моето како играч и како личност со своето однесување. Не дозволувам никој да манипулира со моето име. Секогаш сум тука, но со фер однос. Ако сум легенда, како што велат многумина, тогаш да не биде само името. Јас не сум влегол во ФФМ неколку години, а богами и тие не побарале мислење. За анализа или сугестија не станува збор.
Дали мрда нешто во нашиот фудбал по доаѓањето на Ѓорѓиовски и по демисионирањето на Хари?
Шаќири: Многу малку. Можеби е рано, впрочем една година е некаков разумен рок за сите нови. Дека нема безгрешни, во овие неколку месеци покажа и оваа фудбалска влада, но велам има време, нека согледуваат, нека се поправаат.
Има ли најава дека твоето искуство ќе биде користено од Јаневски?
Шаќири: Засега не. Во времето на промени ми најавуваа дека ќе соработуваме и потоа, веројатно, заборавија што сме зборувале. Имам впечаток дека е во прашање некаква политика, која сосема нелогично се меша во фудбалот.
На која позиција можеш најмногу да помогнеш? Таа не мора да биде тренерска. Можеби директорска, во УО, менаџерска?
Шаќири: Во моментов сум посветен на Шкендија и не размислувам на таа тема иако не можам да скријам дека сум живо заинтересиран за случувањата во репрезентацијата. Јас сум, сепак, нејзин неизоставен дел по 15 години поминати во неа.
Дали албанските тренери се доволно застапени? Дали си ти за Бадентер и во фудбалот?
Шаќири: Отсекогаш сум бил за тоа најдобрите да работат во фудбалот и да не се води сметка за тоа која од каде е или што е. Модерниот фудбал не дозволува такви компромиси, па макар бил и Бадентер.
Има ли во албанскиот фудбалски корпус тренери што вредат, а не добиле шанса?
Шаќири: Па да, сигурно. Има и такви што се стручни во работа со деца и такви што се зрели за сениорски тимови и за репрезентација. Само треба да се следат, да им се даде можност. Добра е и мала ротација на тие што се редовни, со тие што сѐ уште не сме ги виделе.
Како се надградуваш? Има ли некоја школа што ја почитуваш?
Шаќири: Одамна имам и Б-лиценца и А-лиценца, а од лани и ПРО. Постојано сум посветен на фудбал и сѐ бележам, усвојувам. Што се однесува до глобални рамки, најблизок по филозофија ми е Алекс Фергусон. Инсистира на контрола на топка, но не на сметка на брзината и на атрактивноста што го разликуваат од Пеп Гвардиола. Има и нешто друго, тренерот на Манчестер Јунајтед трае и трае и се чини дека му нема крај.
За крај, и по обиколка на континентот не се откажа од Струга. Ни Тетово, ни Скопје, од село Ливада на Дрим. Вистина ли како Струга нема друга?
Шаќири: Ни друга, ни трета. Одлично ми е на Дрим и засега немам намера да го менувам живеалиштето иако работам во Тетово, а сите патишта водат во Скопје. Не е исклучено во иднина да ја сменам адресата,но тоа ќе биде кога ќе решат Рудина и Сара, а во тој случај единствена опција е главниот град.
Разговараше: Перо Момировски – Р.С.Р.
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации
-
Семејството скршено од тага пристигна на стадионот- сопругата на Вичај од овој детаљ ќе се струполеше на земја
-
Десната рака на газдата, убавица од Тајланд и пилотите… кои беа жртвите од несреќата на „Кинг Пауер“?(Видео)
-
Модриќ: Гризман ја заслужува „Златната топка“