Босански Шамац денес; фото: ЕПА
Србија ќе може да смета на милијарда евра годишно од Европскиот фонд за солидарност поради санација на долгорочните последици од катастрофалните поплави, изјавила еврокомесарката за хуманитарна помош, Кристална Георгиева.
– На Србија, како земја кандидат, ѝ се достапни средствата од Европскиот фонд за солидарност во вредност до милијарда евра годишно – соопштила Георгиева во Брисел.
Се работи за фонд кој е започнат по тешките поплави во централна Европа минатата деценија, а условот е штетата од поплавите да биде поголема од 0,5 проценти од БДП-то на погодената земја.
– Покрај ова, еврокомесарот за проширување Штефан Филе бара начин да за издвојат и дополнителни средства од претпристапните (ИПА) фондови – рекла Георгиева.
Според неа, за Босна и Херцеговина, која нема статус на кандидат, пристапот до фондовите е покомплициран и за земјата ќе се бара друг механизам на помош.
Георгиева нагласила дека во БиХ и Србија биле испратени пумпи со висок капацитет, хеликоптери и чамци, а во меѓувреме пристигнале и вкупно 450 волонтери од земјите членки на ЕУ.
– Тоа е многу повеќе отколку што побараа Србија и БиХ, но ја зголемивме помошта поради драматичната ситуација – рекла еврокомесарката и додала дека телефонски разговарала и со српскиот премиер Александар Вучиќ.
Еврокомесарката за хуманитарна помош, исто така, порачала дека Србија, покрај помошта од ИПА и Европскиот фонд за солидарност, ќе може да смета и на билатералната помош на земјите членки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.