| четврток, 6 декември 2018 |

19 мај – денот кога Кометал Ѓорче Петров ја покори Европа (фотогалерија)

Пред точно 12 години, на 19 мај, дождливата мајска ноќ во Скопје донесе многу радост, ерупција и шампионска круна од највисок ранг – од Лигата на шампионите, а хероини беа ракометарките на Кометал Ѓорче Петров. Во реваншот во Скопје со победа од 26-22, Кастратовиќ, Нацева, Радуловиќ, Будимир и останатите ракометарки на македонскиот првак ја анулираа предноста на унгарскиот Ференцварош од два гола разлика, 27-25, и во второто од вкупно три финалиња на тимот ја освоија европската круна. Ракометарките на Кометал го совладаа Херц со 26:22, и со вкупни 51:49 го освоија најелитното клупско ракометно првенство за жени.

Во шампионската генерација на Кометал беа Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Наталија Тодоровска, Валентина Радуловиќ, Андријана Будимир, Милева Велкова… кои ќе останат запишани со златни букви во македонската спортска историја.

Историскиот подвиг во живо во салата „Кале“ го следеа повеќе од 2.000 љубители на спортот, а на плоштадот „Македонија“ уште 30.000 поддржувачи на Кометал.

Кастратовиќ по 12 години вели:

– Шампионското славење треба да се почувствува бидејќи е тешко да се опише со зборови. Тоа е уникатно чувство. Паметам дека навивачите нѐ чекаа речиси два часа за да пристигнеме на плоштадот во Скопје. Ги минавме сите церемонии, а мислам дека цел град беше собран на едно место, обоени во зелено-жолти бои.

Нацева, пак, коментира:

– Пред 12 години во дресот на Кометал Ѓорче Петров против Ференцварош успеавме да си го оствариме сонот и да ја освоиме највредната клупска титула во ракометот. Бевме трпеливи и во силна конкуренција во второто финале во Лигата на шампионите успеавме да ја оствариме целта. Река од луѓе се слеваше на плоштадот. Ниту дождот на ја наруши феноменалната атмосфера при прославата на титулата.

фото: Ѓ. Личовски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top