| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО- ДПМНЕ ги одби барањата на СДСМ

ВМРО- ДПМНЕ ја повика опозицијата во парламентот за да разговараат за сите отворени прашања. Од партијата се за одржување на локални избори под засилен меѓународен мониторинг, но се против формирање на „техничка влада“ и одржување на парламентарни избори

Ilija-Dimovski161220122Владејчката ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница на Извршниот комитет ги одби барањата на опозицијата за формирање „техничка влада“ и за организација на предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

„Република Македонија пред една и половина година одржа предвремени избори по барање на опозицијата. Тие избори беа изведени во целосна фер и демократска атмосфера, што впрочем беше и потврдено од целата меѓународна заедница, која честиташе на тие избори, се потврди со извештајот и препораката на Европската комисија, но се потврди и од страна на опозицијата и нивниот лидер Црвенковски, кои исто така честитаа на нашата победа. За потсетување би сакале да укажеме дека Република Македонија во само шест години веќе три пати одржа парламентарни избори.“ – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ

Од ВМРО-ДПМНЕ истовремено ја повикаа опозицијата да се врати во Собранието

„ВМРО-ДПМНЕ ја повикува СДСМ и нивните коалициони партнери да се вратат со свое учество во институционалните рамки на делување и низ дијалог во Собранието на Република Македонија, заеднички да се бараат решенија за сите предизвици на нашата држава и политички амбиент. Само низ институционален дијалог во Собранието ќе можеме да придонесеме заеднички кон градење на доверба и подобри општествени и социјални услови и параметри за нашите граѓани. Тоа е нашата одговорност. Само со дијалог и дискусија за сите предизвици и отворени прашања и градење на конструктивна политичка клима, со цврсти и принципиелни позиции за зедничките ставови по важни и стратешки прашања, ќе се создадат поволни моменти во нашиот евроатлански интегративен процес, што е стратешки приоритет на нашата држава.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од партијата додаваат дека тие и досега се залагале за слободи и фер избори и инсистираат на засилен меѓународен мониторинг на локалните избори во март

„ВМРО-ДПМНЕ, како и во целото свое делување до сега, се залага за одржување на редовни, фер и демократски локални избори, во согласност со меѓународните стандарди и вградените препораки на ОБСЕ и ОДИХР, а со целосно прочистен избирачки список согласно меѓународните норми и правила. Воедно, ВМРО-ДПМНЕ, со цел потврда на своите принципиелни позиции, инсистира на засилен меѓународен мониторинг на овие избори. Оттука, во овој контекст ја поздравуваме и изјавата на американската амбасада, но и на останатите меѓународни фактори за најавен мониторинг од нивна страна на овие локални избори.“ – стои во партиското соопштение.

„Ние и понатаму ќе продолжиме да работиме на програмата која ја имаме ветено пред граѓаните на последните избори и за која тие гласаа, и понатаму ќе останеме фокусирани на подобрување на економската состојба на државата, справување со ефектите од европската должничка криза, реформи во клучните сфери, поддршка на здравството, образованието, земјоделието, пензионерите, социјалните случаи, невработените, привлекување на странски инвестиции, како и со реформи за приближување на нашата држава кон НАТО и ЕУ“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top