| четврток, 6 декември 2018 |

ПССЕ искажа загриженост од одлуката на СДСМ да не ги прифати мандатите

SDSM 18ti kongres 07 (Custom)
На денешната седница на Надзорниот комитет на ПС на Совет на Европа се разгледа извештајот за претседателските и за парламентарните избори во Македонија.
Во дебатата во која учествуваа известувачот за Македонија Роберт Валтер, претседателот на Надзорниот комитет Стефан Шенах, шефот на АЛДЕ групата Жорди Ксукла, шефот на групата на социјалистите Андреас Грос, како и шефот на македонската делегација Александар Николоски беше заеднички заклучено дека изборите беа слободни и демократски и слободно ја изразија волјата на граѓаните во Македонија.

По расправата се усвои заедничка декларација во која се искажа загриженост за постапката на СДСМ да не ги прифатат пратеничките мандати и да не ја признаат легитимноста на претседателот Иванов. Исто така, се осуди бојкотот на ДУИ на претседателските избори.

Во декларацијата уште се вели дека аспирациите на Македонија за евроатлантска интеграција се можни само низ одговорно однесување на сите актери во политичкиот живот. Беше нагласено дека на изборите беа почитувани основните слободи и кандидатите можеа слободно да водат кампања, без опструкции, а граѓаните слободно да ја изразат својата волја. Исто така, се повика доколку има забелешки, да се разгледаат со соодветните институции. Се нагласува дека Надзорниот комитет се надева дека и опозицијата, како и власта, ќе се однесува одговорно кон довербата дадена од граѓаните и целосно ќе го исполни својот мандат преку учество во работата на Собранието.

На седницата беше формирана постизборна комисија составена од тројката Боб Валтер – известувач за Македонија, Стефан Шенах – претседател на Надзорниот комитет и Андреас Грос, шеф на социјалистичката група, чијашто цел е да ја посетат Македонија во следните два месеца и да укажат на опозицијата на ставовите на ПС на Советот на Европа и да ги повикаат да се вратат во Собранието и да се однесуваат одговорно.

Од страна на шефот на македонската делегација Александар Николоски сите овие активности беа оценети како добри и корисни, при што нагласи дека Македонија спроведе фер и демократски избори на кои граѓаните слободно ја изразија својата волја и го направија својот избор за пратеници и претседател на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top