
Колумнист: Горан Момироски
Дури и српските владици, кои досега беа најгласни во осудите и во нападите на МПЦ–ОА, десетина дена по најавата на македонските колеги дека ќе направат напор за продолжување на разговорите за формалниот влез на македонската црква во православната екумена, сѐ уште молчат. Ниту еден од нив не проговори за обидот на МПЦ–ОА да иницира дијалог. Во нивно име проговорија дел од медиумите, кои испратија јасна порака дека е можно решение, но само под услови диктирани од Белград. Во текстот објавен во највлијателниот српски весник „Политика“, кој често ја вршел улогата на портпарол на Светиот архијерејски синод на Српската православна црква, на МПЦ–ОА јасно ѝ се дава до знаење дека ако не игра по правилата на СПЦ не може да се надева на брза автокефалност, што е желбата на македонските владици.
Во текстот, кој случајно или не е напишан од автор со македонско презиме, централно место има темата за ослободувањето на Јован Вранишковски, но во него се многу позначајни неколку други моменти, кои можат да го спречат уште непочнатиот разговор. Ослободувањето на Вранишковски, за кој авторот на овие редови во два наврата напиша дека требаше да се случи порано, не може да го смени односот на СПЦ кон МПЦ–ОА.
Зошто СПЦ сака статусот на МПЦ да се врати како пред 1958 година
Ако се суди според текстот, позициите на СПЦ во разговорите со МПЦ, кои се повеќе од реални, се враќање на состојбата од пред 1958 година. Со тоа СПЦ сака да ја поништи одлуката на тогашниот српски патријарх Герман, кој, практично, ја признал автокефалноста на македонската црква. Според српските владици, тогашниот прв човек на СПЦ бил под притисок на комунистичката власт и Тито, кои инсистирале да се прекршат каноните за да се зацврсти македонската нација.
Во 1958 година, во Охрид се одржал Вториот македонски црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Светиклиментовата охридска архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква, а за нејзин прв епископ е избран г. Доситеј.
Одлуката за самостојност на МПЦ била потврдена преку отслужувањето заедничка архијерејска литургија со српскиот патријарх Герман во јули 1959 година во црквата „Света Мина“ во Скопје. Со тоа Светиот архијерејски синод на СПЦ ѝ дал самостојност на МПЦ, со тоа што таа и натаму останала во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот патријарх. Веднаш потоа е конституиран Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите.
Во мај 1962 година, во придружба на патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ во посета на МПЦ пристигнал патријархот московски Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе великодостоинственици на Руската православна црква. На празникот на светите Кирил и Методиј во црквата на „Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид била одржана и архијерејска литургија на која служел патријархот московски Алексиј во сослужение со патријархот српски Герман и архиепископот охридски и митрополитот македонски Доситеј. Тоа било прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални цркви. По смртта на Герман, новата српска црковна власт не ги прифаќа своите одлуки за МПЦ.
Тоа што е позитивно во целата работа е што барем официјално СПЦ е отворена за братски дијалог, кој, според најавите, ќе се води на пролетниот собор на кој веќе се знае дека една од темите ќе биде состојбата во Македонската православна црква.
Има неколку причини зошто српските владици, на чело со поглаварот Иринеј, нема да прифатат разговорите да се водат во христијански дух и да завршат наскоро. Тие знаат дека синодот на МПЦ–ОА нема да прифати транзициски период до автокефалноста и својата црковна сувереност да ја делат со својот поранешен колега, владиката Јован, а, спред најавите, тоа е планот на СПЦ. Истовремено, поглаварот Иринеј, кој, според диптихот, ја води шестата црква во православието, нема да сака да признае дека операцијата „Вранишковски“, која се води од 2002 година, а која, според српски извори, досега ја чинела СПЦ најмалку 1,5 милион евра, е неуспешна мисија.
Преговорите со СПЦ по урнек на разговорите за името во ОН
Едно од најреалните сценарија за евентуални разговори меѓу двете цркви е, по урнекот на преговорите за името во ОН, да почнат, но да бидат прекинати од дел од српските владици, кои се под силно влијание на грчкиот блок цркви во православието. Да не се заборави дека Јован Вранишковски, додека беше на слобода, постојано беше на релација Белград – Солун, а српските и грчките институции не кријат дека тој и неговите соработници добивале средства од грчки извори. Речиси е неверојатно да попушти цврстата врска што со векови ја граделе СПЦ и грчките цркви, сега засилена со Вранишковски, и Атина да не влијае на одлуката на српските владици.
Дополнителен удар по суетата на српската патријаршија е фактот што евентуалното ослободување на Јован не се случило порано туку дури откако отслужил голем дел од казната, а само мало олеснување во тој правец би бил фактот што Вранишковски претходно не можел да биде ослободен поради политички причини на кои МПЦ–ОА, објективно, немала големо влијание.
Во текстот на „Политика“ се цитираат високи извори на СПЦ, што дополнително ја потврдува тезата дека, всушност, синодот на Иринеј преку медиумите го испитува теренот за разговори. Притоа, српските владици сосема прецизно им порачуваат на своите колеги во Македонија дека се во лоша преговарачка позиција и дека во разговорите ќе влезат како верски субјект без канонска легитимност, односно дека ќе мораат без многу врева да го прифатат тоа што ѝ е по волја на СПЦ. А волјата на српските владици не е променета од 2002 година, кога беше потпишан и веднаш потоа поништен таканаречениот Нишки договор. Соговорниците на „Политика“ потсетуваат дека во 2002 година било договорено МПЦ–ОА да добие автономија под името Охридска архиепископија пред светот, а „дома да се нарекува МПЦ, со што ќе се имитира СПЦ“.
Изворите во највисоките кругови на СПЦ наведуваат дека доколку во 2002 година МПЦ го прифатела договорот од Ниш сега ќе била канонски признаена православна црква, но не прецизираат дали сега сѐ уште важи ова сценарио. Во текстот се цитираат и ставови според кои СПЦ под ниеден услов не е подготвена на МПЦ–ОА да ѝ даде автокефалност туку само автономија, која, како што добро знаат српските владици, е апсолутно неприфатлива за македонските православни верници. Поради таквите ставови во 2002 година беа критикувани потписниците на Нишкиот договор, владиците Тимотеј, Петар и Наум, по што договорот беше отфрлен.
И СПЦ била во раскол
Својата автокефалност српските православни верници, кои по прифаќањето на христијанството потпаѓале под јурисдикција на Охридската архиепископија, ја добиваат од цариградскиот патријарх во 1219 година, преку свети Сава. На основањето на Пеќката патријаршија во тоа време без успех се спротивставил охридскиот архиепископ Хоматијан. Како Српска архиепископија функционирала до 1346 година, кога е се воздигнала на ранг на патријаршија и тоа на црковно-народен собор во Скопје, а на свечениот чин присуствувале бугарскиот патријарх и охридскиот архиепископ. Иако голем број српски автори ја негираат шизмата од Цариград, сепак дел од нив тврдат дека во 1350 година поради неканонско прогласување патријаршиски статус и крунисувањето на царот Душан, цариградскиот патријарх Калист фрлил проклетство на српскиот цар и на патријархот и ја исфрлил СПЦ од православната екумена. Расколот на СПЦ траел до 1375 година, четири години по смртта на Душановиот син Урош, кога повторно е примена во канонско единство со православниот свет.
(објавено во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




