Клоновите на СДСМ подобри од оригиналот
Клоновите (коалиционери) нападнаа иако млако и без некој посебен ефект, но го сторија програмираното од лидерот. Дејството се случува во 2014 година во Македонија, иако личи и звучи како дел од истоимената епизода на „Војна на ѕвездите“ од далечната 2002 година. Случајно или не, но ова е период кој е запишан со веќе избледени златни букви на Бихаќка, година кога последен пат победија на парламентарни избори. Пировата победа на СДСМ, пак, следуваше токму по војна, но не на ѕвездите, туку во Македонија, војна која тогашните „независни“ новинари, според широко прифатеното странско сценарио, ја нарекоа конфликт. Тогаш, како што и било запишано во последните сцени, дојде шумарот персонифициран во САД и во ЕУ и ги „смири“ Македонците и Албанците.
Во 2002 година ја добија власта, а 12 години потоа последиците од работењето или, подобро кажано, неработењето на партијата и лошиот избор на нивните избраници на раководни функции ги чувствуваат и „новите“ генерации на СДСМ. Или и не се баш така нови? Според раководството, сигурно не, но според нелогичноста на потезите, ова е нова страница на прикаската од Бихаќка, најрадикалната досега. Или, сепак, историјата се повторува и страницата и басната не се баш и толку нови, или така си сака авторот или беше лидерот? По осум години пост од власта, гладните социјалдемократи отворено го повикаа шумарот, односно меѓународната заедница, да дели правда во Македонија, која, очигледно, во нивните луцидни умови личи на протекторат. Затечени во сопствената безидејност и безизлезноста од стапицата која самите си ја создадоа и креираа со минатиот труд, а се вика споредба на сработеното, Бихаќка повторно својот очајнички апел за враќање на политичката сцена на мала врата го адресираше до Големиот брат. Но, се случи неочекуван преседан во прикаската, дел од ликовите кои истераа многу „отпорнички“ битки и дадоа децении од својот живот за партијата, остро застанаа против раководството и побараа одговорност за дебаклот. Поголем преседан следуваше токму од коалиционерите. Партиите кои, барем декларативно, се самостојни политички тела, без поговор, само немо кимнаа и го одобрија изборот на Заев и на Шекеринска. Затоа што така чувствуваа, или, пак, така им беше наложено? Во квазиобидот да се претстават како голема опозиција, а не само како СДСМ, зад Заев беспоговорно застанаа Тито и Жерновски. Така решиле нивните партии мотивирани од новите случувања или, сепак, од старите долгови на лидерите.
Првиот ѝ ја должи на Бихаќка денешната егзистенција на политичката сцена, која, иако повеќе личи на вегетирање, го одржува како политички фактор. Познавачите на состојбите слободно ќе речат дека без СДСМ, НСДП, која и онака е ништо повеќе од фракција на матичната партија, не би освоила ниту еден пратеник на избори. Вистината е дека по 2006 година, од кога и нема самостојно настапувано на избори и кога одвојувајќи се од базата освои седум пратеници, НСДП е само декор на СДСМ, постојано како неизбежен дел од нивните коалиции, безгласна буква на некогашниот спикер и кандидат за претседател на државата. Оние без влакна на јазикот ќе речат дека СДСМ го држи Петковски чисто како декор во партијата, толку потребен и неопходен поради неговото славно име, кое сѐ уште „пали“ кај многу носталгичари по Југославија, неконвенционално средство за привлекување на толку потребните гласови, со кои, во последно време, коалицијата баш и не може да се пофали.
Тито и можеби живее на стара слава и на очајната потреба за масовност во опозициските непромислени акти, но вториот должник има многу понов товар на своите плеќи. ЛДП во 2011 година настапи самостојно, чин кој го антиципираше НСДП и мудро застана со Црвенковски, а „центристите“ останаа без ниту еден пратеник во парламентот. Оптимистички прогнозираа барем 7-8 места во законодавниот дом, а освоија само 16.000 гласа и не го минаа ниту прагот. Во меѓувреме, и тие, како и НСДП, вегетираа и правеа математики за, конечно, да сфатат дека од бришење на политичката сцена ги спасува единствено коалиција со поголемите. Така, центарот ја одбра левицата, која во недостиг од сопствени кадри се потпре на своите старо-нови коалиционери. Не случајно го избраа Жерновски за да со партија од центарот го добијат токму Центар. Оттаму и долгот на партијата да ги слуша своите побројни побратими во остварувањето на нивниот ниет, колку тој и да бил погрешен и антидржавен. Сепак, либералдемократите покажаа поголема доблест од НСДП. Кај нив, на гласањето на Централниот одбор за враќање на мандатите, тројца беа воздржани, еден дури и против. Титовистите беа единствени во својата одлука или барем така велат. За тоа попрецизно би одговориле нивните кандидати за пратеници кои ги добија мандатите, но, очигледно, кога се работи за интересите на матичната партија, фракцијата наречена НСДП и не е така важна…
Сдсмовците против Заев, а коалиционерите немо одобруваа?!
Како врв на понизноста, иако тоа би се очекувало токму од нив, коалиционерите не кажаа ниту збор против небулозниот и неаргументиран потег на Заев. Според логиката на нештата, токму во СДСМ требаше да бидат апсолутно единствени во практикувањето и безусловното одобрување на одлуката на раководството за неприфаќање на изборните резултати. Требаше без никаков поговор да дадат амин на решеното, колку и да е тоа нелогично и контрапродуктивно. Но, се случи токму спротивното, дел од партијата застана против чинот и одлуката на Заев и на Шекеринска, а „независните“ коалиционери акламативно одобрија?!
Партијата, како и секоја масовна структура, колку и да е демократска, се раководи според правилата на хиерархијата, но дури и таму дел од самосвесните и реални партијци собраа сила и застанаа против челниците барајќи директна одговорност од хазардерското раководство кое со низа коцкарски и погрешни потези ја доведе партијата до најслабиот резултат во историјата. Свесни за сопствениот ризик, кој од партиска гледна точка може да значи и нивно бришење од структурите и прогласување за непожелна личност на Бихаќка, тие застанаа против двоецот кој ја уништува партијата и против нивните потези, но самосвесните коалиционери кои наводно се борат за своите, независни партиски интереси, а ја доживеаја истата горка судбина и дебакл, немаа доблест да го сторат истото и да застанат против погубните сценарија, туку едноставно и беспоговорно ги одобрија потезите на Заев и на Шекеринска.
Асимилацијата на овој дел од опозицијата е успешна, констатирал некој на Бихаќка. Да, клоновите се совршени, дури и подобри од оригиналот, додал друг…
Пандов: Потегот на „приврзоците“ е изнуден, но и очекуван
Очекуван или изнуден потег на т.н. сателит-партии во опозицијата? Дел од познавачите на состојбите, пак, и натаму не се уверени дека сите коалиционери ќе ги вратат мандатите. Политичкиот аналитичар Александар Пандов не верува дека НСДП и ЛДП самостојно можеле да освојат барем еден пратеник на избори.
Пандов: Изнуден дефинитивно, но по најавата на Заев, секако, и очекуван потег. Сепак, мислам дека пред да зборуваме, прво треба да видиме дали некој навистина вратил мандат. Јас верувам дека по почетното отсуство од седниците, наредните месеци ќе бидеме сведоци на тоа како прво некој, а потоа сите пратеници ќе си дојдат и ќе седнат на своите пратенички места. Тоа им е јасно и на Петковски и на Жерновски и оттаму е нивната „лојалност“ кон Заев. Нивните мандати се верифицирани и тие немаат отидено физички да си го подигнат уверението, но уште помалку некој од нив бил во ДИК за да се откаже од мандатот. Свесни се дека по циркусот, кој е во режија на СДСМ, како и за сѐ друго, ќе има промена на нивниот став и дека, фактички, нивните пратеници, кои се дел од 34 опозициски пратеници, ќе бидат дел од македонското Собрание.
Јас не верувам дека ЛДП и НСДП би освоиле пратеник кога би настапиле самостојно на избори. Тоа се партии во кои активно учествуваат од 20-30 до 50 луѓе. Дополнително што човек не може да се сети дека за цело време од нивното постоење предложиле, а уште помалку реализирале, некоја идеја или проект во земјава. Оттаму и нивната безгласност на последниве избори, како претседателски, така и парламентарни. Но, од друга страна, таа мала група на луѓе, која е активна во тие партии, по правило е добро сместена на некоја функција и тие за тоа мора да им се оддолжуваат на своите газди во СДСМ. Придобивката, пак, на СДСМ е што во ситуации како оваа со мандатите, кога нема поддршка ни во сопствените редови, може да ги активира овие „приврзок-партии” за да ѝ покаже на јавноста дека не е сам.
Истовремено, токму Јорди Куксла, претседателот на групата либерали и демократи во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ALDE), беше еден од многуте европски политичари што ја повикаа македонската опозиција да прекине со бојкотот и да ѝ ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ. Индикативно или не, но ниту една европска партија досега, од ниту една проминентност (левица, центар, десница), не даде поддршка за потегот на опозицијата, единствената карта на која, очигледно, тие и играа очекувајќи надворешна интервенција во недостигот од поддршка од народот. Се прецени ли опозицијата во пресметките?
Пандов: На секој политичар што учествувал и следел избори му е јасно дека во Македонија на 27 април граѓаните недвојбено и јасно покажаа која политика ја поддржуваат и во која партија имаат најголема доверба. 200.000 гласа разлика е победата на ВМРО пред СДСМ. Кој друг политичар, освен Заев, би си дозволил да негира таков резултат. Дури и да имало желба кај некои структури од надвор да се вклучат во оспорување на изборите, тие по завршувањето на гласањето и неговото пребројување немаа аргумент поради тоа што сѐ помина во најдобар ред, а ќе повторам дека резултатот е тој што става точка на каков било сомнеж околу желбата на граѓаните – која политичка партија да ја води државата во наредните четири години.
Кои се вашите очекувања, како ќе се развива ситуацијата во опозицијата и како таа состојба, што е можеби и поважно, ќе влијае врз меѓународната слика на државата?
Пандов: По конгресот на 11 мај, СДСМ ќе излезе уште послаб и уште поподелен. Таму ќе гледаме поделби на заевисти и на бранковисти, стари и нови, градски и селски, интелектуалци и селани. Верувам дека како што ќе минува времето, а Заев и натаму ќе се инати околу пратениците, еден по еден ќе си преминуваат во други партии. Најлогично ќе ми биде дека ГРОМ ќе стане и пратеничка група. Исто мислам дека поради апатијата и безидејноста во СДСМ, ќе бидеме сведоци на тоа цели општински организации да преминуваат во други партии. Тоа, секако, не е добро за сликата на државата. Во таа партија важи правилото дека највисок интерес е личниот, па партискиот, па сосема на крај државниот. Дали се работело за знаме на државата, дали се работело за име на државата, дали предизвикување воен конфликт во 2001 година, тоа се луѓе кои докажано се грижат за својот интерес пред интересот на граѓаните. Преку правење штета на државата – ако тие можат да дојдат до власт, тоа за нив е многу природно однесување.
Историја или зошто никој никогаш не побарал оставка од антирежимските лидери?!
Идентичната, фиктивно скроена матрица непречено функционира кај коалиционерите. И ним, во согласност со истата кујна од Бихаќка, како и кај социјалдемократите, вокабуларот им е преполн со зборовите кои ја опишуваат слободата, борбата со режимот, грозотијата на диктатурата и на тиранијата. Но, една работа останува да виси во воздухот. Хипотетички, дури и социјалдемократите да се донкихотски борци за слобода против „режимот“, макар и замислен и создаден единствено во нивните луцидни умови, повторно постои еден голем проблем. Замислете си дека тие навистина поверувале во филмот за сето тоа што го кажуваат и во противничкиот табор, макар фиктивно, низ нивната призма гледаат и лоцираат режим и диктатура?! Сепак, дури и доколку тие навистина живеат во својот фиктивен свет и сето тоа не е обична, безидејна борба за власт со сите средства по рецептот на Макијавели, една работа зборува дека нешто е нелогично, лошо мириса и не функционира на Бихаќка. Доколку и израснале читајќи ги „Дневникот на мотоциклистот“ на Ернесто Че Гевара и „Вистинскиот Фидел Кастро“, како и која било книга за кој било револуционер во светот, за какви очигледно се замислуваат и сакаат, макар фиктивно, да се претставуваат, би разбрале една неминовност – во екот на револуцијата, каква и да е, непријателот е еден и никој, никаде, ниту на крај на умот не бара оставка и разрешување на лидерот. Тоа, очигледно, е во случај кога мотивите на револуционерите се искрени, а не поттикнати од пуста желба за враќање на власта. Од „револуционерот“ Заев ја побараа многумина, а нивниот број, според најавите, ќе се мултиплицира на 11 мај.
Во меѓувреме, независно од идните чекори на партијата, кои очигледно ниту јасновидците не можат да ги предвидат, режимот, диктатурата и фашизмот ќе останат да доминираат во нивниот вокабулар, но аспектот на нелогичноста и неаргументираноста останува да лебди со секој ваков кажан збор. Во текот на разговор, еден пријател, Евреин по потекло, деновиве кажа голема вистина, многу тажна за СДСМ. Тежината на зборот произлегува и од неговата националност и горкото искуство што неговиот народ го искуси низ историјата. Тој изјави:
„Денеска зборуваш за фашизам и за режим, а утре и задутре повторно зборуваш за фашизам и за режим!? Невозможно, ако има фашизам и режим, денеска зборуваш, а утре те нема!“
(Пишува: Љупчо Цветановски | Фото: Република
(Текст објавен во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.