| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Сината птица“ во МНТ

Ова е трета премиера на големата сцена во новиот објект на МНТ и претстава што ги обединува сите технички и актерски капацитети на националниот театар

MNT

Претставата „Сината птица“ од Морис Метерлинк, во режија на Златко Славенски, ќе биде изведена премиерно в недела вечер (20 часот) во Македонскиот народен театар (МНТ). Ова е првпат во историјата на националниот театар да се постави текст на нобеловецот Метерлинк. Досега овој текст бил поставен само како куклена претстава за деца.

sinata ptica2

„Сината птица“ е претстава за сонот. Сон во кој преку двете деца Тилтил и Митила се нагласуваат човечките доблести: за пријателството, другарството, почитта кон постарите и хуманоста, наспроти лицемерството, злобата и љубомората…

Ова е трета премиера на големата сцена во новиот објект на МНТ и претстава што ги обединува сите технички и актерски капацитети на националниот театар.

– Со оваа претстава го нагласивме новото име и новата естетика на МНТ – вели Дејан Прејковски, уметничкиот директор на националниот театар.

Вистински убавите нешта се гледаат со срцето, а не со очите, а „Сината птица“ е претстава за патување низ простор и време.

За Славенски, „Сината птица“ е голем предизвик за, како што кажа, да ја допре побликата, и заедно да ја доживеат приказната за двете деца што сонуваат.
– „Сината птица“ е еден од најубавите текстови што сум ги прочитал, но и најкомпликуван за работа. Ова е текст што бара интроспекција кај сите нас. Со него ние не ги пробивме звучните ѕидови на светската естетика, но верувајте дека пробивме некои ѕидови во нас. Ние се најдовме себеси – рече Славенски.

sinata ptica1

Според Славенски, Метерлинк има поинаков поглед на свет, чист, каков што сонуваат децата во приказната.

Главните ролји ги толкуваат Дарија Ризова и Наталија Теодосиева. Зборувајќи за својот лик, Ризова изјави дека секој треба да си ја најде сопствената среќа.

– Може не ја гледаме, треба да ги симнеме очилата – вели Ризова.

За младата Теодосиевска ова е прва професионална претстава.

– Мојот последен испит на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) го завршив со овој текст. Моментно си ја барам среќата – изјави Теодосиева.

Васил Зафирчев третпат соработува со Славенски.

– Драго ми е што сработевме тежок и компликуван текст. Ова е многу ретко поставуван текст бидејќи е исклучително компликуван, а биографијата на ликовите треба да ги изградите сами – вели Зафирчев.

sinata ptica
Актерската екипа ја сочинуваат Дарија Ризова, Наталија Теодосиева, Сашка Димитровска, Славиша Кајевски, Арна Шијак, Олгица Милевска, Сашко Коцев, Тина Трпкоска, Васил Зафирчев, Весна Петрушевска, Ѕвезда Ангеловска, Борче Начев, Катина Иванова. Сценографијата е на Златко Славенски и Илина Ангеловска, костимографија на Никола Ефтимов, а видеоанимациите и звучните ефекти на Милчо Узунов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top