| четврток, 6 декември 2018 |

Средба меѓу Вујановиќ и Свилановиќ во Сараево

Во Сараево се сретнаа претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Горан Свилановиќ

свилановиќ

Горан Свилановиќ се сретна со претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, во секретаријатот на организацијата во Сараево. За време на состанокот Свилановиќ го нагласи значењето на силната поддршка од челниците на регионот за регионалната соработка. На тој начин тие ќе ја подвлечат својата обврзаност и посветеност при спроведувањето на „Стратегијата 2020 за Југоисточна Европа“ создадена од Регионалниот совет за соработка.
– Целосното и ефикасно спроведување на „Стратегијата 2020 за Југоисточна Европа“ е во интерес на секој граѓанин на регионот бидејќи таа има за цел да ги ублажи ефектите од економската и од социјалната криза со што на крајот би се подобрил животот на секој од нас. Поддршката што РСС, како иницијатор на овој проект и како клучен промотор на регионалниот просперитет, непрекинато ја добива од регионалните лидери, како што е претседателот Вујановиќ. Тоа докажува дека одиме во вистинска насока и дека така ќе продолжиме за да ја оствариме врвната цел на стратегијата – создавање еден милион работни места до 2020 година – истакна Свилановиќ.
Претседателот Вујановиќ повторно нагласи дека добрите односи меѓу земјите од регионот се базираат на заемна доверба и соработка. Тоа се клучни предуслови за процесот на интеграција во Европската унија.
– Црна Гора веќе се докажа како водач при воспоставувањето добри односи со соседите. Тие се суштински за економското заздравување на регионот како целина и за секоја земја посебно. Индивидуално, нашите пазари се мали и расцепкани. И ние може да постигнеме резултати и да се соочиме со предизвиците на модерното време само ако ги здружиме силите – рече Вујановиќ.
Претседателот на Црна Гора е на дводневна посета на главниот град на Босна и Херцеговина каде што учествува на петтата Меѓународна конференција за инвестиции и бизнис-форум што се одржува на 14 и на 15 мај. Вујановиќ ќе има неколку билатерални средби на маргините на оваа конференција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top