| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска е Светски ден на промоција на негата на предвремено родените бебиња

bebe-2
Република Македонија годинава го одбележува 15 мај, Светскиот ден на промоција на негата на предвреме родените бебиња со контакт кожа на кожа (Kangaroo care), во која се вклучени и родителите.
Во Европа, едно од секои 10 новородени бебиња се раѓа предвреме, односно 500.000 бебиња секоја година.
Негата со контакт кожа на кожа се однесува на предвреме родените и критичните новородени во текот на престојот во болница и по пристигнувањето дома.
Овој тип нега првпат е користен во 1978 година во Богота, Колумбија, како алтернатива на користењето инкубатор за бебињата. Оттогаш, овој тип нега се испитува и применува во целиот свет. Досега се издадени бројни студии кои ја потврдуваат корисноста и предноста на ваквата нега за бебето и за семејството.
Според Центарот за контрола на болести и превенција од САД, во 2012 година предвременото породување било застапено кај едно од осум деца во САД, и тоа може да доведе до долгорочни здравствени проблеми и доживотен хендикеп кај овие индивидуи.
Софистицираната опрема која се користи секојдневно во одделите за неонаталната интензивна нега има докажан ефект во подобрување на резултатите и исходот на предвреме родените и критичните новородени. Покрај овие мерки, Светската здравствена организација (СЗО), УНИЦЕФ и Американската академија за педијатрија (ААП) препорачуваат контактот кожа на кожа со родителите да се спроведе што е можно поскоро, да трае што е можно подолго и колку што е можно понепречено како мерка за поддршка на непосредниот и долгорочниот развој на недоносените новородени и нивните семејства.
Постојат одредени критериуми за практикување на контактот кожа на кожа, чија цел е максимална безбедност на бебето пред сѐ. Овој тип нега, заедно со неодвојувањето на мајката од бебето, обезбедувањето мајчино млеко и вклучувањето на родителите во негување на бебето е цел кон која треба да се стремат сите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top