Долгогодишниот уредник и новинар на повеќе редакции, Зоран Иванов, кој вчера добил отказ од телевизијата Алфа, денеска порача дека севкупното животно и новинарско искуство не му дозволуваат повеќе да биде дел од актуелното македонското новинарство кое, според него, сега е само егзекутива на политиката, односно на владеачкиот партиски пропаганден центар, јави порталот Плус инфо.
Колку за потсетување, Иванов беше владин и претседателски портпарол на СДСМ и Бранко Црвенковски, а преку ПР агенција бил инволвиран во кампањите на СДСМ, односно бил непосреден дел од „партиски пропагандистички центар“.
Тој, понатаму, порачува дека ги враќа сите новинарски награди.
„На Денот на македонското новинарство, со извинување и нужна почит спрема подржувачите, предлагачите и жиријата, се откажувам и ги враќам сите мои новинарски награди.
На македонското новинарство му треба револуција и нов почеток. Верувам во тоа и во таа насока ги поттикнувам младите новинарски генерации.
Новинарството е поразено и јас сум дел од тој пораз.
Не сакам, не можам, не ми дозволуваат моите човечки и професионални скрупули, моето севкупно животно и новинарско искуство, да бидам дел од овој актуелен македонски новинарски отпечаток. По четириесет години новинарска работа, новинарска броба, новинарска посветеност, новинарски ентузијазам, новинарски идеализам, не можам да си дозволам да бидам дел од сегашнава македонска новинарска историја. Вулгарната дневна политика го купи, го присвои, го окупира целиот македонски медиумски и новинарски простор. Го промовираше во картелска пропагандна машинерија, ги обесправи и ги понижи новинарите и ги вјарми во алатки за бесрамни манипулациии. Во плурална Македонија новинарството ја загуби смислата. Тоа стана егзекутива на политиката управувана од владејачкиот партиски пропаганден центар.
Од тие причини, на Денот на македонското новинарство, со извинување и нужна почит спрема подржувачите, предлагачите и жиријата, се откажувам и ги враќам сите мои новинарски награди – трите државни „М.Х. Јасмин“, двете „К.П. Мисирков“ за најдобар новинар на годината, наградата за „Животно деело“ во новинарството и сите други многубројни новинарски награди и признанија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.