| четврток, 6 декември 2018 |

Патниците сведочат: Пазете, пазете, ќе удрам во возот

voz nesreka

Сега сум психички добро, но страшната глетка сè уште ми е пред очи. Вака младиот струмичанец Димитар Гоцевски го опиша она што му се случило утрово возејќи се во автобус од Струмица кон Скопје. Тој е еден од оние кои поминаа со полесни повреди во страшната сообраќајка во која воз удри во автобус полн со патници, пишува Дума.мк

– Најбитно е што нема жртви, но не можам да опишам каков беше моментот. Имаше многу крв и многу повредени, многу жално. Автобусот беше полн со стари луѓе и студенти. Ова не може да се опише. Вадевме луѓе, имаше потрупано под земја, јас бев до една жена, ја извадив надвор – истакна Гоцевски.

Утрово на пругата кај селото Сарамзалино, патнички воз, кој сообраќал од Кочани кон Скопје, удри во автобус полн со патници на фирмата „Струмица експрес“. Глетката на местото на несреќата била страшна.

– Спиев, ме разбуди вресок. Пазете, пазете, ќе удрам во возот. Се разбудив од викотниците. Се слушна тресок. Страшно беше, сите луѓе беа еден врз друг, имаше многу и врз мене. Излегов надвор и почнав да помагам во вадењето – рече Димитар Пандев, патник од автобусот.На местото на несреќата и по еден час одекнуваше звукот на железничката сигнализација. Според очевидци, возило ја преминало пругата и покрај сигнализацијата и спуштената рампа, по што и автобусот забрзал и се обидел да ја премине. Но, тоа било фатално за него. Според директорот на „Македонски железници-транспорт“ избегната е голема катастрофа.

Увид на местото на несреќата извршија јавен обвинител од Свети Николе и полициски инспектори. Патниците од возот со автобуси беа префрлени до Велес и до Скопје. Повредените од автобусот се префрлени во велешката и во штипската болница. Попладнево министерот за транспорт и врски ќе го посети местото на несреќата, а министерот за здравство повредените во велешката болница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top