Пред повеќе од седум дена на социјалната мрежа „Фејсбук“ постои страница на која ѝ се приклучиле повеќе од 132 илјади лица посветени на идејата на слободата. Сите на кои им се допаѓа страницата потекнуваат од Иран, а има и мажи и жени.
Страницата „Скриена слобода“ содржи фотографии на жени без превез. Тие се фотографирале сами, со пријателите или со партнерите, на различни локации, со коментари од типот: ја мрзам бурката. И јас сакам да почувстувам ветар во коса. Зар е тоа толку голем грев?
Уште од Исламската револуција пред 35 години во Иран, жените не смеат да ги напуштат куќите без марами, а казните се различни – од парични до затвор.
– Мојата коса е како заложник на Владата – вели Месих Алинејад, иранска политичка новинарка која живее во Велика Британија и ја создаде оваа страница на „Фејсбук“.
Таа дошла на оваа идеја откако на својот профил на „Фејсбук“ објавила фотографии без бурка. Добила многу „лајкови“, а и други жени почнале да праќаат фотографии во ист манир. Иако е позната како жестока критичирка на Иран, таа тврди дека нејзината страница не е политичка.
– Овие жени не се активистки, туку обични лица кои говорат од срце – порача таа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.