Првиот Македонец кој заигра во НБА Перо Антиќ, доби уште едно признание. Антиќ се најде помеѓу тројцата номинирани играчи, во анкетата на официјалната фејсбук страница на ФИБА Европа, за наградата најдобар руки играч од Европа сезонава во НБА – лигата.
Покрај Перо Антиќ, се најдоа и Италијанецот Луиџи Датомо од тимот на Детроит, како и младиот грчки интернационалец од редовите на Милвоки, Јанис Антетокоунмпо. Според официјалното рангирање на НБА, кога станува збор за руки играчите, нашиот интернационалец Антиќ моментално се наоѓа на високата шеста позиција, додека Антетокоунмпо, или попознат како “грчкиот лудак”, се наоѓа на деветото место. Италијанскиот репрезентативец Датомо го нема меѓу првите десетмина.
Антиќ во деби сезоната, забележа просек од 7 поени, 4,2 скока и 1,2 асистенци по натпревар, притоа остварувајќи трипати и дабл-дабл ефект. Верувајќи дека и Вие, секако, мислите дека Перо Антиќ заслужува да го понесе ова признание, по пат на коментар на официјалната фејсбук страница на ФИБА Европа, дадете го својот глас за нашиот најдобар кошаркар…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.