Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, според извори од Конгресот, во своето обраќање, меѓу другото, одговорил на обвинувањата зошто партијата се враќа на политиката на бојкот, која пред една година била напуштена. Тој објаснил дека бојкотот пред една година бил прекинат поради притисок од меѓународната заедница, но најмногу затоа што граѓаните не го поддржале масовно „отпорот“. На крајот од обраќањето, Заев повикал на силно единство во партијата и обединување во остварувањето на заедничките цели. Тој побарал доверба од делегатите, со образложение дека само 10 месеци е на чело на партијата, а доверба побарал и за заменик-претседателката Радмила Шекеринска и за другите функционери во партиското раководство.
По обраќањето на Заев, во дискусија прв од него побарал оставка поранешниот претседател на скопската организација на СДСМ Есад Рахиќ. Тој рекол дека не е точно оти Заев е само десет месеци на чело на СДСМ, туку дека бил и потпретседател и в.д. претседател и дека на партиски функции е десет години. Во одбрана на Заев застанале дискутанти од општинските партиски организации од Градско, Свети Николе и Радовиш и други општини.
Според извори од Конгресот, за дискусија се пријавени многу дискутанти, кои со своите аргументи ќе го отсликаат расположението на членството – дали се „за“ или „против“ доверба за Заев и неговиот тим.
Меѓу делегатите не е присутен претседателскиот кандидат на оваа партија, Стево Пендаровски, кој бил поканет да присуствува на Конгресот во својство на гостин. Пендаровски ги објасни причините поради кои денеска не е таму.
„Добив покана, но како што претходно веќе изјавив, сакам да останам дистанциран од денешните внатрепартиски случувања на Конгресот. Од тие причини решив да не присуствувам“, изјави Пендаровски за Дојче веле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.