| четврток, 6 декември 2018 |

Детскиот мини маратон како најава за утрешниот главен спортски настан (ГАЛЕРИЈА)

Денес скопјани имаа можност да уживаат во една несекојдневна глетка. Преку 600 дечиња се натпреваруваа во „Колгејт“ мини маратонот кој започна од плоштадот пред црквата „Св. Димитрија“ со патеката во правец кон плоштад преку Камени мост, а се финишира на плоштад Македонија.

– Вклучувајќи ги и најмладите во овогодинешниот маратон на еден ден пред главната трка, со детскиот Colgate мини маратон им овозможивме учество на преку 600 дечиња од основните училишта во најмасовниот настан во нашиот главен град – изјави Кире Синадиновски, директор на „Виз ер Скопски маратон“.

IMG_4529

Но, оваа година детската трка имаше и хуманитарен карактер затоа што беа вклучени и деца со Даунов синдром, од здружението „Триасомија 21“ предводени од клубот „Ескрим“, кои добија донација на спортска опрема од „Колгејт“.

Овој пример на соработка, Сојузот на спортови на Скопје како организатор на Скопски маратон го издвојува како најсимпатичен пример за спој помеѓу организирани детски трки со голема социјална одговорност на компании кон нив и кон деца со посебни потреби.

IMG_4582

Оваа година промотор на „Виз ер Скопски Маратон 2014“ е спортската звезда од светски калибар, тоа е рекордерот во маратон, Кениецот Вилсон Кипсанг (Wilson Kipsang) кој денес им ги подели медаљите на победниците во женска и машка конкуренција на детскиот „Колгејт мини маратон“. Тој пристигна вчера во Скопје и ќе биде присутен на утрешниот главен настан.

IMG_4557

– Бев пријатно изненаден кога ја добив поканата за присуство на „Виз ер Скопскиот маратон“ и веднаш одговорив позитивно. Денес поразговарав и со градоначалникот на град Скопје, кој ме информираше дека ова е најмасовниот спортски настан во Македонија. Навистина е убаво кога ќе се види во еден град да има толку голем интерес за маратонска трка и затоа ги охрабрувам сите, без разлика дали се аматери или професионалци, да не се двоумат и да учествуваат во вакви настани, зошто ова е нешто што ќе им остане во сеќавање – изјави Кипсанг, кој е воодушевен и од изгледот на нашиот главен град.

IMG_4639

Победници на детската трка во машка категорија се: Јане Насевски трето место, Филип Ѓоргиевски второ место и Шаиб Шаќир прво место, а додека пак во женска: Симона Димитриевска трето место, Ивона Русевска второ место и Анеса Хајдари прво место.

IMG_4578

Детската трка е само загревање за главниот настан кој се случува утре со почеток во 9 часот, кога повеќе од 6000 учесници ќе ги заземат своите стартни позиции.

IMG_4593

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top