| четврток, 6 декември 2018 |

Нови жртви за свежина во политичката манипулација

Раководството се тргна од одговорност, стави „нови“ луѓе, кои, според стручњаците, се политички изманипулирани, особено поради фактот што не смеат повторно да влезат во трка за втор мандат. Извори од ГРОМ тврдат дека дел од тие што се на кандидатската листа на СДСМ разговарале со лидерот на партијата, Стевче Јакимовски, за преминување во новоформираната партија по верификување на мандатот

Некој мора да го извлече подебелиот крај, а најчесто тоа не е одговорниот за лошиот резултат. Секако, поразот на СДСМ, кој освои помалку од 284.000 гласа, е одговорност на раководството на партијата, лидерот Зоран Заев и потпретседателката Радмила Шекеринска, но, сепак, жртви на нивната лоша политика ќе бидат тие 120 кандидати за пратеници што се најдоа на нивната листа.

Заев не го прифаќа изборниот резултат. Бара техничка влада, што реално е нереално.Од 123 избрани пратеника, максимум 34 не би ги прифатиле мандатите. Се бара техничка влада поради системска кражба на гласови, а нема приговори до ДИК за изборите. Имаат поднесено ДУИ, ГРОМ, но не и бунтовничката СДСМ. Доколку СДСМ остане на ставот кажан веднаш по завршувањето на изборниот молк на 27 април, пратеничките места што ги добија кандидатите на СДСМ и нивните коалициски партии ќе бидат испразнети. Секако, со исклучок на тие што ќе решат да не ја следат одлуката на Заев и да ја искористат шансата што им е дадена.

– Ваква закана од Заев дека се подготвени да играат уште порадикално значи дека некој ги буцка, а за да ги буцка, треба да ги „нафатира“ – вели новинарката Мирка Велиновска.

Морална обврска е да го прифатат гласот на народот, да го почитуваат гласот на тој што се решил да го заокружи нивниот број. Така, со непризнавање на резултатите не ги признаваат ни гласовите на тие што се решија за нив. Сосема логично е дека ќе се појави револт и кај симпатизерите на СДСМ, кои на овие избори може да не се појават на избори или, пак, да се решат за некоја од помалите партии. СДСМ нема право да ги негираат гласовите дадени за нив, ниту, пак, гласовите дадени за другите учесници во изборниот процес. Немаат право да ја сопираат државата. Членството мора да побара директна одговорност од Заев за тројно зголемената разлика од претходните избори.

– Со овој потег Заев го омаловажи народот, граѓаните што гласаа на изборите и, пред сѐ, гласачите на СДСМ. Тој не ги признава нивните резултати и нивниот глас. Минатата година се направи обид да се надминат недореченостите меѓу двете партии. СДСМ го призна тоа, го прифати, сѐ беше во ред додека не се соопштија резултатите од првиот круг претседателски избори. Тука, можеби, Заев не го очекуваше резултатите и се излета со таа изјава. Без никакви аргументи никој не може да го прифати тоа што го бара – техничка влада и сѐ друго што наброи. Може да се одржат само дополнителни избори ако се повлечат пратениците од СДСМ за да се одберат нови претставници на нивните места – вели аналитичарот Владимир Божиновски.

„Рејтинг“ им кажа сѐ, Заев знаеше што го чека

Агенцијата „Рејтинг“ беше единствената агенција што пред првиот круг од претседателските избори излезе со резултати од анкета, кои му одеа во прилог на кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски. Откако Стево Пендаровски во првиот круг освои многу помалку гласа од противкандидатот Ѓорге Иванов, агенцијата ѝ се извини на јавноста за погрешната методологија што била применувана.

Во периодот меѓу првиот и вториот круг „Рејтинг“ ги немаше. Барем не со резултати од спроведено истражување, кои беа достапни за јавноста. Тие имаа свое истражување, но тоа беше испратено на два дена пред изборите, кога е забрането објавување на какви било резултати од испитување на јавното мислење. Анкетата имаше интерна употреба. Да си видат партиите кој каде е и како котира. Таа анкета на „Рејтинг“ имаше резултати што беа многу блиску до конечните со кои излезе ДИК по обработката на гласовите од неделата, кога се одржаа и парламентарни и претседателски избори. За разлика од катастрофалното утнување во првиот круг од претседателските избори, „Рејтинг“ сега прогнозираше дека Ѓорге Иванов во вториот круг ќе освои 57,1 проценти, а според резултатите од ДИК тој освои 57,2 проценти. За Стево Пендаровски, предвидувањето беше дека тој ќе освои 42,9 проценти, а резултатите од ДИК покажуваат дека опозициониот кандидат освои 42,8 проценти.

За парламентарната трка, „Рејтинг“ предвиде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 43 проценти, СДСМ – 29,6 проценти, ДУИ – 12,3 проценти, ДПА – 5,9 проценти, ГРОМ – 2,8 проценти и НДП дека ќе освои 1,9 процент од гласовите. Податоците од ДИК покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ освои 44,3 проценти, СДСМ доби поддршка од 26,4 проценти, ДУИ – 14,0 проценти, ДПА освои 6,2 проценти од гласовите, ГРОМ – 3,0 проценти, а НДП доби 1,6 процент.

Иако лидерот Зоран Заев во 19 часот, по завршувањето на изборниот молк излезе со став дека не ги признаваат резултатите уште пред да го знаат резултатот поради системска кражба на гласови, сосема е јасно дека Заев беше свесен за катастрофалниот пораз. Анкетата на агенцијата што претходно работеше во „негова корист“ му посочи, всушност, што ќе се случи на изборниот ден. Заев и неговите советници имаа доволно време да осмислат како да се извлечат од дебаклот што го доживеаја на тој изборен ден.

 

Новите“ имиња пуштени низ вода

Без разлика што пратениците од СДСМ, најверојатно, нема да присуствуваат на собраниската конститутивна седница, верификациската комисија има обврска да утврди дали постои правен проблем за потврдување на мандатите. Таков проблем не постои, што би значело дека сите мандати ќе бидат верификувани. Мнозинството пратеници во Собранието ќе ги прифати мандатите. Пратениците на СДСМ, секој лично, ќе мора да донесе одлука дали ќе поднесе оставка или не. Доколку пратениците што, според гласовите, влегуваат во Собранието решат да не ги прифатат мандатите, се оди едноподруго по листата. Ако во првата изборна единица има осум оставки, сите наредни треба да бидат прашани дали го прифаќаат мандатот. Доколку се изјаснат негативно, се смета дека листата е испразнета, по што претседателот на Собранието треба да распише избори за тие испразнети пратенички места. Тоа не се избори за сите пратеници, туку за тие 34 места. Но право на учество на дополнителните избори имаат сите партии.

Стручњаците велат дека не исклучена можноста владејачката партија да остави СДСМ и помалите и новоформирани партии, како ГРОМ и АПМ да влезат во трка. Можат да се појават и независни листи. Тоа што е најинтересно е што во ваков случај тие што се најдоа сега на листата на СДСМ, не смеат повторно да се најдат на листата на кандидати. Новите имиња, како што СДСМ ги именуваше своите кандидати, партијата ги пушти низ вода. Курбан за интересите на Заев и на другото раководство, кое свесно дека ќе ги загуби изброите се тргна себеси од таа листа. Зошто Заев не се откажа од градоначалничкото столче минатата година, за кога, исто така, СДСМ тврдеше дека изборите се нефер и недемократски?!

Јасно е дека се работи за стар план на партијата. Промовираа луѓе, кои, иако промовирани како нови лица, не се нови. Можеби се работи за имиња што не се познати во јавноста, но не се имиња што се сосема нови на политичката сцена. Сите бевме зачудени од однесувањето на раководството пред некој месец, кога беа оформени кандидатските листи на СДСМ. Чудно и нелогично беше што раководството не се најде на тие листи. Досега не се случило лидер да не сака да биде дел од таа политичка борба. Но сега работите излегуваат на виделина. На СДСМ му беше сосема јасно дека ги губи овие избори, а за тоа му беше потребен изговор, му беше потребно оправдување. Особено тоа му беше јасно меѓу првиот и вториот круг, кога агенцијата „Рејтинг“ ја промени методологијата и излезе со точна анализа, многу близу до резултатите на ДИК. Беше јасна убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ. Тие бројки не ѝ беа познати на јавноста бидејќи „Рејтинг“ ја испрати анкетата во период кога медиумите не смеат да објавуваат такви листи, но СДСМ и нивното раководство ја знаеја. Имале доволно време и простор да анализираат, да предлагаат и да добијат брилијантна идеја за непризнавање на изборните резултати. Со тоа раководството се тргна од одговорност, стави „нови“ луѓе, кои, според стручњаците, се политички изманипулирани, особено поради фактот што несмеат повторно да влезат во трка за втор мандат.

Politika87-2

Уставот не познава „техничка влада“

Уставот не познава формирање „техничка влада“. СДСМ на конференција за печат побара формирање техничка влада, но, очигледно, мозокот на ова сценарио не знаел дека такво нешто не е познато во Уставот. Ова само наведува на тоа дека главниот советник на Заев за ваков чекор е странец.

Во Уставот на РМ нема ни термин „службена влада“, нешто што го има во дел од земјите. Службена влада се формира кога парламентот двапати едноподруго не може да избере влада.

Останува на СДСМ да реши дали ќе оди на дополнителни избори за 34 пратенички места, кои, според логиката на работата, тешко дека ќе ги освои. Таа бројка од 34 пратенички места на СДСМ ќе биде значително намалена.

 

Дел од кандидатите се свртеле кон ГРОМ?!

Стручњаците, сепак, не се убедени дека сите кандидати од листата на СДСМ ќе се откажат од своите мандати. Велат многу е реално и разумно некоj од нив да реши да го прифати мандатот и да не сака да биде „жртвено јагне“.

– Не е исклучено да има кандидати од листите на партијата што, сепак, ќе решат да не поднесат оставка, односно да го прифатат мандатот. Можно е да се случи да има внатрешно размислување и преспивање и преиспитување на работите од страна на тие што ги добиле мандатите. Тука ќе се види вештината и реалноста на тие луѓе, дали ќе прифатат да загубат сѐ по озборувањето. Веројатно, би се одело на формирање нова парламентарна група, нуклеус на нова политичка стратегија, нова матрица на дејствување. Не е исклучено ниту дел од тие пратеници да преминат во ГРОМ, како партија што им е идеолошки многу близу – велат стручњаците.

Извори од ГРОМ тврдат дека дел од тие што се на кандидатската листа на СДСМ разговарале со лидерот на партијата, Стевче Јакимовски, за преминување во новоформираната партија по верификување на мандатот. Од ГРОМ до затворањето на неделникот не добивме одговор дали и колкумина побарале средба со Јакимовски за облекување на дресот на ГРОМ.

 

(Пишува: Билјана Зафирова | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 87. број на неделникот „Република“, 2.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top