
Колумнист:
Ненад Мирчевски
Пратениците на СДСМ не се појавија во ДИК за да ги примат уверенијата, со што станаа соучесници во сценариото на раководството на партијата за предизвикување политичка криза во државата со цел давање алиби на Заев и на Шекеринска за изборниот дебакл.
Дали доброволно или под притисок се откажале од мандатите, сега веќе не е толку важно, затоа што вака или така, придонеле за штетата.
Сепак, од целата оваа опозициска трагедија, барем тие што сѐ уште се двоумеа, добија појасна слика за „новите лица“ на опозицијата – тие што пред неколку недели трубеа на сите страни колку било важно да им се довери гласот, сега покажаа зошто, навистина, им била потребна поддршката од гласачите. Не за да ја подобрат демократијата во земјата или животниот стандард на луѓето, туку за да предизвикуваат нови кризи со кои ќе ја прикриваат сопствената неспособност, а од кои ќар имаат и злонамерниците на македонскиот народ.
Тоа што ќе остане запаметено од идните генерации за оваа политичка гарнитура на СДСМ е фактот дека партиското раководство на невиден недемократски начин реши да ја поништи волјата на 280.000 гласачи. Иако мандатите ги добија од граѓаните, Заев беше тој што пресуди дека треба да ги вратат. Лидерот на партијата со уште некои негови блиски, кои политички се во клиничка смрт, во обид да ја спасат сопствената кожа се ставија и над членството и над гласачкото тело. Ако ова може да го направи без око да му трепне за 280.000 граѓани, страшно е дури и да помислиме што може да нѐ снајде ако Заев и тие околу него утре се дограбат до некоја државничка функција од која ќе имаат моќ да решаваат за многу посериозни прашања?
Но, кога Заев веќе цврсто решил да глуми „отпор“, би требало да ја преземе главната улога, а не да биде статист. Така, овој пат место да се крие зад своите жртвени јагниња, треба уште утре да го врати и својот мандат за градоначалник што го доби на минатогодишните локални избори. Затоа што, водејќи се по логиката на Заев, со самото тоа што сѐ уште е актуелен градоначалник на Струмица, тој им дава легитимност на ланските избори. Ако Заев не му се приклучи на „отпорот“ тогаш тој ќе ги негира сопствените ставови и логика (што нема да биде прв, а ниту последен пат), а тоа, сигурно, ќе предизвика уште поголем контраефект во партијата, која сѐ уште лежи на земја по изборниот нокаут.
Човекот што немаше храброст директно да се пресмета со Груевски на изборите и се исплаши од можноста да си го измери рејтингот кај граѓаните, сега повторно останува на безбедно во својата дупка оставајќи работата да му ја дозавршат партнерите од ДУИ, кои треба дополнително да придонесат за продлабочување на политичката криза. Сакајќи што побрзо да се заборави неговиот катастрофален изборен резултат, не само што од ДУИ направи фактор, давајќи ѝ шанса (што не ѝ ја даде мнозинството граѓани ) да ги реализира своите уцени, туку и опасно игра на музиката што ја свират Грците во спорот за името.
(Текстот е објавен во 88. број на неделникот Република, кој е во продажба од денеска, 9 мај)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


