Засилени инспекциски контроли за спроведување на законите за животна средина и за управување со амбалажен отпад, како и активно вклучување на сите чинители во процесот на зачувување на животната средина, за да се спречи општо загадување е пораката на претставниците на компанијата „Пакомак“.
– За подобрување на состојбите во зачувувањето на животната средина потребно е активно учество на сите, на граѓаните кои со совесно однесување селективно ќе го одложуваат отпадот, на локалната самоуправа, која ќе работи на подобрување на инфраструктурата, на комуналните претпријатија, кои поефикасно ќе работат, од колективните управувачи со амбалажен отпад, како и од самите извршни органи кои ќе контролираат и по потреба
казнуваат за незаконско однесување – смета директорот на „Пакомак“, Филип Ивановски.
Во Македонија приближно се создава околу 106.000 тони отпад од пакување, од кој само половина се евидентира преку колективните системи за управување со отпад, потоа се селектира и само одреден дел се рециклира. Од амбалажниот отпад се рециклира само пластика, додека стаклото и хартијата се носат во некоја од соседните земји.
Претставници на „Пакомак“ сметаат дека е потребно доследно спроведување на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, како и позасилена инспекторска контрола на терен.
– Самото избегнување на плаќање на надомест за управување со отпад ги става во нерамноправна состојба компаниите, кои плаќаат и се општествено одговорни, наспроти оние што не плаќаат и со тоа го оштетуваат буџетот на Република Македонија – нагласи Ивановски.
Граѓаните и компаниите очекуваат Министерството за животна средина доследно да го применува Законот за управување со амбалажен отпад и да ги санкционира компаниите, кои не членуваат и не финансираат ниту еден од постојните колективни системи за управување со амбалажен отпад. Да им ги земе дозволите за работа на оние колективни системи за управување со амбалажен отпад, кои не ги исполнуваат своите законски обврски и само
фингираат имплементација на законот за амбалажен отпад, односно наплатуваат од нивните клиенти, а со собраните средства не инвестираат во поставување на инфраструктура, контејнери за селективно собирање на отпадот од пакување, и не инвестираат во негово собирање и рециклирање со што не ги исполнуваат националните цели зададени од државата.
Според Законот, секој колективен систем за управување со отпад треба да опфаќа најмалку 15.000 тони отпад од пакување годишно и да рециклира најмалку 18 отсто од евидентираниот амбалажен отпад во својот систем.
„Пакомак“ најавува дека во следните четири години планираат просечен раст од 20 отсто на стапката на собирање и рециклирање на отпадот од амбалажа, со крајна цел во 2020 дури 60 проценти од овој отпад да завршува на рециклирање наместо на депониите во земјава, што е услов согласно Европската директива 2004/12/ЕЗ за отпад од пакувања.
За 2014 година компанијата најави поставување на 200 нови жолти пластични контејнери за ПЕТ шишиња во Град Скопје, 30 во Тетово и 500 канти за домаќинства во Битола. Во Штип има поставено над 70 контејнери, а предвидено е интензивирање на соработката со Охрид.
За подигање на свеста кај граѓаниет за селекција на отпадот „Пакомак“ врши едукација и спроведува повеќе активности.
„Пакомак“ е прв и најголем колективен систем за управување со амбалажен отпад во земјава, со над 680 членки. Соработува 20 општини во кои живеат повеќе од половина од населението во земјава. Од 2011 кога почна со работа до 2013, повеќе од двојно ги зголеми количините на отпад од амбалажа која се рециклира, кои ги собира преку својот систем од партнерски компании, достигнувајќи 9.300 тони собрана отпадна пластика, картонска,
лименки и стаклена амбалажа годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.