Со премиера на операта „Симон Боканегра“ од Џузепе Верди вечерва во Македонската опера и балет ќе почне 42. фестивал „Мајски оперски вечери“. До 31 мај ќе бидат изведени пет опери и еден балет. Годинава во сите претстави доминираат гости од Италија, која се смета за татковина на операта.
Режисер на „Симон Боканегра“ е Антонио Карло де Лучија од Италија, а диригент неговиот сонародник Џанлука Мартиненги. Насловната улога ќе ја игра македонскиот баритон Борис Трајанов. Ќе настапат и Весна Ѓиновска-Илкова (како Амелија / Марија Боканегра), Владимир Саздовски во улога на Јакопо Фиеско, Ѓорѓи Цуцковски во ликот на Габриеле Адорно, Владимир Андриќ од Србија ќе го игра Паоло Албијани, Ернес Ибраимовски (Пјетро), Марјан Николовски (Капетан) и Марика Поповиќ (Слугинка на Амелија). Сценограф е Алесандра Полимено, а костимограф Александар Ношпал.
Втора оперска претстава на фестивалот е „Дон Џовани“ од Моцарт (на 18 мај), која е во италијанска продукција – режија на Лев Пулиезе и под водство на диригентот Џузепе Сабатини. Насловниот лик ќе го игра Хавиер Ландете од Шпанија, а во екипата е и македонскиот тенор Благој Нацоски (во улогата на Дон Отавио).
„Фауст“ од Шарл Гуно е на програмата на 22 мај, во режија, сценографија и костимографија на Марио де Карло од Италија, а диригент е Оливер Балабурски. Во насловната улога ќе настапи Иван Момиров од Бугарија, а во улогата на Маргарита – оперската певица од Албанија со светска кариера Инва Мула.
На 26 мај ќе биде изведена операта „Турандот“ од Пучини во режија на Кузман Попов од Бугарија, под диригентство на Џанлука Мартиненги од Италија, со италијанската певица Џована Казола, која е меѓу неколкуте најпознати изведувачки на улогата „Турандот“.
Традиционално, „Мајски оперски вечери“ на 31 мај ќе бидат затворени со „Аида“ од Верди, во режија на Дејан Прошев и под диригентство на Владимир Куленовиќ од Србија. Ликот на Аида оваа година ќе го игра Италијанката Силвана Фроли.
На програмата на годинашните „Мајски оперски вечери“ е и балетот „Жизел“ на Адолф Адам, во кореографија на Леонид Лавровски од Русија и под диригентство на Алис Фарнам од Велика Британија, кој ќе биде изведен на 12 мај. Жизел ќе ја игра Украинката Јана Саленко.
Во организација на Амбасадата на Италија, во фоајето на МОБ до крајот на јуни ќе биде поставена изложба за Џузепе Верди по повод 200 години од неговото раѓање, кои светот ги одбележи минатата година. Изложени се плакати и фотографии од опери на Верди во различни продукции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.