Фондот за здравствено осигурување на Македонија изминатиот месец направи контрола и утврди неправилности во работењето на три бањи (Катлановска Бања, Дебарски Бањи – Цапа, Цар Самуил – Банско) со кои Фондот има склучено договор за специјализирана медицинска рехабилитација.
Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Фондот, Маја Парнарџиева-Змејкова, која рече дека контрола била извршена и во Негорски Бањи, но единствено кај нив не се утврдени неправилности во работењето. – Ова директно ги засега осигурениците што во 2013 година биле во тие бањи – посочи таа, бидејќи неосновано, незаконски од нивниот џеб им се наплатувало за користење на натстандардни услуги, а користеле стандардни услуги.
– Фондот ги задолжи трите бањи во кои се утврдени направилности во следните три месеци на сите 2.000 осигурениците, кои биле во тие бањи да им се вратат парите. Тоа се околу 11 милиони неосновано наплатени од осигурениците само за 2013 година и проекција од дополнителни 4 милиони денари за до април. Дополнително ќе има и парична казна за нив, што е најмал проблем бидејќи доколку не ги испочитуваат насоките од Фондот ќе следи и раскинување на договорите – рече Парнарџиева-Змејкова.
Таа појасни дека тоа што Фондот дозволува да биде наплатено од страна на бањите за осигурениците е партиципацијата која изнесува 200 денари на ден.
– Констатиравме на терен дека покрај тие 200 денари на ден, на осигурениците им било наплатувано: Во Катлановска Бања и 200 денари за користење на термоминерална вода, што е недозволено, и дополнително 50 или 150 денари на ден за користење натстандардна соба за која осигурениците морале да потпишат изјава не знаејќи дека де факто биле сместувани во стандардна соба – истакна Парнарџиева-Змејкова.
Taa посочи дека стандардна соба, како што во правилникот на ФЗОМ и во договорите со бањите е јасно дефинирана, е двокреветна, трокреветна соба, а натстандардна е само еднокреветна соба.
– Во Катлановска Бања, доколку осигуреникот бил на рехабилитација 21 ден место да плати 4.200 денари, плаќал 11.500 денари или неосновано 7.300 денари дополнително. Во Бања Банско место 200 денари на ден односно 4.200 денари ако биле 21 ден на рехабилитација, тие наплатувале дополнително за натстандардна соба плаќале од 250 до 300 денари односно вкупно 10.500 денари место 4.200 денари. Во Дебарски Бањи наплатувано е за натстандрдна соба, а осигурениците користеле стандардни соби и им биле наплатувани дополнително 6.300 денари – потенцира Парнарџиева-Змејкова.
Упати апел до секој осигуреник, кој во 2013 година бил со решение преку лекарските комисии на Фондот за специјализирана медицинска рехабилитација во некоја од Катлановска Бања, Дебарски Бањи – Цапа, Цар Самуил – Банско да проверат колку платиле за нивниот престој.
– Ако платиле повеќе веднаш да одат во бањите и да си ги побараат средствата во целост. Фондот ќе направи уште една контрола за да провери и да се осигура дека секој осигуреник си ги добил парите. Бањите ќе трпат сериозни последици во согласност со договорот со Фондот. Тие што годинава до април биле во овие три бањи очекуваме да побараат враќање на средствата од бањите – додаде Парнарџиева-Змејкова.
Контролата почнала откако добиле две поплаки од осигуреници за една бања и врз основа на таа неправилност даден е налог Секторот контрола и финансиска контрола да направат контрола во работењето на сите бањи, при што е констатирано дека во три од нив станува збор за системска неправилност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



