Андре Агаси го одбра Рафаел Надал како најдобар тенисер на сите времиња, а веднаш зад него е најтрофејниот гранслем-шампион Роџер Федерер.
Според Агаси, шпанскиот ас играл најдобро во златната ера на тениската игра и во страшна конкуренција на Федерер, Ѓоковиќ и Мари.
– Му давам предност на Надал како најдобар тенисер на сите времиња, пред Федерер. Роџер мораше да се справи со Родик и Хјуит во времето кога освои најмногу гранслем-трофеи, а задачата на Надал беше малку потешка. Шпанецот игра во златната ера кога конкуренцијата е страшна, а конкуренти му се Федерер, Ѓоковиќ и Мари. И мислам дека направи многу, но сѐ уште не го кажал завршниот збор – изјави Агаси.
Федерер има 17 гранслем-трофеи, најмногу во историјата на тениската игра, а Надал има 13, но и позитивен биланс против Швајцарецот. Меѓусебниот скор е 23-10 во корист на 27-годишниот тенисер од Мајорка.
На Надал му недостига еден трофеј од ОП на Австралија за да биде само третиот тенисер на сите времиња со најмалку по две круни од сите четири гранслем-турнири. Федерер е во иста позиција, но нему му недостасува уште еден триумф на Ролан Гарос во Париз.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.