| четврток, 6 декември 2018 |

Незнаењето и/или глупирањето на Мирјана Најчевска (одговор на Гордана Силјановска-Давкова)

gordana-siljanovska-290x166

Професорката од правниот факултет Гордана Силјановска-Давкова одговори на навредите  изречени кон неаод Мирјана Најчевска во врска со неколку нејзини изјави и интервјуа во врска со одлуката на СДСМ да не ги бојкотираат изборите. Со оглед на тоа дека професорката Силјановска не користи социјални мрежи, одговорот јавно беше објавен на фејсбук профилот на професорката Билјана Ванковска:

1. Не би реагирала да не беше (зло)употребен зборот “глупо” на толку глуп начин и со толку големо незнаење во името на “умот” и “ знаењето”. Ретко и внимателно го користам овој омилен Мирјанин збор, ама принудена сум да го позајмам од “преумната сезнајка”, која решила да го “разголи” “болно глупавиот” Правен факултет. Слушам дека во својата незапирлива Интернет мисија, катаден по мрежите шири “просветителство”, користејќи “научни дијагнози”, идентификувајќи ги “болните” и “незнајковците”, “заразени” од вирусот на глупоста. Стана антологиска глупост нејзината “експертска дијагноза” за “говорот  на омраза” на колегата Фрчкоски, кога, во името на Хелсиншкиот комитет ја достави до Советот на Европа, барајќи спасоносен лек. Од таму пак, стигна контрадијагноза  (слобода на мислата и нејзиното изразување), а “Хелсиншката” дијагноза беше отфрлена како нестручна и нерелевантна. Друг пат, во телевизиска “дебата” на А1, “експертски” посегна по духовниот, а за малку и по физичкиот интегритет на народниот правобранител Мемети… Немаат крај нејзините “терапевтски” методи кон “глупавите”. Прерасна во врвен надрилекар за слободи и права. Сега, се самопрогласи за матична лекарка на Правниот факултет. Знам зошто. Сеуште страда од синдромот на доктор(ка) во обид. Жалам што нејзините “високи научни дострели” не добија докторска верификација на Правниот факултет. Мораше да се самопотврди на друго место.

2.  Како “ персонификација” на “ум” и “разум” има непресушна желба да ги разоткрива/лови “глупите”.

3.  Мојот  “глупав” факултет е арена на индивидуалци. Не тврдам дека сите таму сме вакцинирани и имуни на разни болести. Но, далеку од тоа дека не зафатила епидемија на глупоста, како што ” дијагностицира” Мирјана. Па,  и самата до неодамна беше дел од докторските студии на Правниот факултет. Само таа знае зошто “се изложи” на опасноста да се зарази” и заглупи. Чудно е како остана ” здрава”,  а најчудно е што не се откажа своеволно од дружењето со “болните”. Напротив, сеуште страда заради разделбата и утре, пак би втрчала меѓу “болно глупите”.

4. Нека не се грижи за мене. Јас одамна си стекнав имунитет, докторирајќи со “exellence” на Правниот факултет во Љубљана, а трудовите од областа на изборите ми обезбедија имунолошки статус на експерт на ООН за избори.

5. Да се вратам на основното прашање. Г-ѓа Најчевска важи за експерт за слободи и права, но гневот и нетолеранцијата ја туркаат во конфузија. Како инаку да ја толкувам крајно сомнителната констатација: “Глупо е што Горадана Силјановска не ја разбира слободата да се бира и да се биде биран”??? Разликува ли експерткава слобода од право? Не. Знае ли дека никој никого со сила не натерал да биде кандидат на партиските листи, ами напротив, со радост и верба во победа решил да си го оствари уставно загарантираното пасивно избирачко право. Македонскиот Устав и Изборен законик, за среќа, не го третираат активното избирачко право како обврска (Грција, Белгија, Австралија, на пример..) па и ние, граѓаните, сами одлучуваме дали ќе гласаме или апстинираме. Пратениците, вклучувајќи ги и оние од опозицијата, сами решија да се самораспуштат. Впрочем, опозицијата од лани инсистираше на предвремени парламентарни избори.

6.Изборите во Република Македонија не се одвиваат според нашето поимање на демократијата, ниту според партиските перцепции и правила, туку согласно Изборниот законик. Тој пак, не е без мани, ама сепак има сертификат од Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР за стандардност/солидност/валидност на изборните правила. Во неговото креирање и неколкукратно менување учествуваше и опозицијата, за последен пат неодамна. Колешката веројатно знае дека според истиот, “за секоја кандидатура е потребна писмена согласност (изјава) на кандидатот која е неотповиклива.” Може да се (не)согласуваме со оваа одредба, ама законска е. Во Законот за Собранието и во Деловникот, пак, се утврдува дека пратеничкиот мандат почнува да тече со/по верификацијата на мандатот. Пратениците, чии мандати не се верифицирани може да присуствуваат на седниците на Собранието, но не може да учествуваат во неговата работа, се до одлуката на судот за повредите кои го проблематизираат истиот. А, тие, се докажуваат со докази пред ДИК и Управниот суд, а не пред партискиот суд!

7. Би сакала да ја потсетам колешката на далечната 1994 година, кога Демократската партија на Петар Гошев и ВМРО-ДПМНЕ, предводен од Љубчо Георгиевски, ги бојкотираа изборите во вториот изборен круг, заради нотираните изборни нерегуларности во првиот круг и за два дена собраа над 200.000 потписи, барајќи нови избори, со верба дека легитимитетот им извира од граѓаните, па и мандатот го добиваат од нив, а не од партиите.  Дури и Уставниот суд се вклучи во “ правната” игра и се повикуваше на “експертската аргументација“ на Најчевска. Таа тогаш поинаку се однесуваше кон изборната демократија.

8. Демократската мисла, без оглед на моделот на изборниот систем, мандатот го врзува за граѓаните,  не за партиите, а најмалку за партиските елити и лидерот-патрон. Изворот на легитимниот мадат е граѓанинот, а не партијата. Во која постапка партиските камарили одлучија да не се “прифатат” мандатите? Кога? Со чија согласност? Како? Зарем меѓу двата круга не добивме јасна порака и молба, масовно да излеземе на избори и “да победиме”? Ако во првиот круг се случија криминални избори, зошто опозицијата се “солидаризираше” со криминалот и го продолжи изборниот натпревар? Ќе се “откажеа” ли од мандатите кандидатите од опозицијата во случај на победа?

9. Само неук човек може да тврди дека во услови на пропорционален изборен систем, па дури и со затворени листи, мандатот се врзува за партијата и програмата!! Каде живее колешката? Зар не знае дека кризата на претставничката демократија е врзана и за феноменот на “catch-all партии” (Kircheimer) и  процесот на дезидеологизација, кога се повикува на програмата како “основ/причина” (???) за гласање за определена листа. Што ли читаа граѓаните и од што се раководеа кога некои партии немаа програма? Во духот на претходново, знае ли што се случува кога некој пратеник од листата ќе ја напушти партијата во текот на мандатот? Се разбира, ќе си го задржи, а нема да го изгуби, односно нема да и “го врати” на партијата, зошто му го дале граѓаните. Што се случува со мандатот на исклучениот пратеник од некоја партија? И тој си го задржува, зошто е негов, а не на партијата. За среќа, македонската политика во 90те не подлегна на предлозите на некои “расни демократи” и “научници” граѓаните бланко да гласаат само за партиите, а тие, постизборно да си утврдат кој ќе добие мандат, а кој не, во српски “демократски” политички манир, на кој му стави крај одлуката на Уставниот суд на Србија, утврдувајќи дека носител на мандатот е поединецот, а не партијата!! Впрочем, тој/таа, а не партијата се изјаснува во рок од 8 дена дали го прифаќа мандатот кога ќе се испразни местото на претходно избраниот од листата, вели нашиот Изборен законик, но и сити други изборни регулативи.

10. Само неук човек може да превиди/премолчи дека во сржта на претставничката демократија е начелото дека пратеникот, без оглед на изборниот модел ги претставува граѓаните и гласа по сопствено уверување. За жал, македонската извитоперена парламентарна пракса не е во согласност со уставната норма.

11. И “глупите” како нас, од Правниот факултет, знаат дека никој не може да ги натера избраните кандидати за пратеници да влезат во Собранието заради верификација на мандатите и евентуални оставки. Јас  изјавив дека не очекувам да го сторат тоа. Од мене беше побарано да ја објаснам законската постапка, предвидена во Изборниот законик, Уставот, Законот за собрание и Деловникот на Собранието, а не да “гатам  за (не) очекуваното политичко однесување. Многу подетално од мене, во “КОД”, “приказната” за мандатите ја елаборираше г-ѓа Тања Алтанџиева, некогашна заменик министерка за правда од редовите на СДСМ, а потем и член на ДИК. Зарем и неа ја зафати “вирусот на глупоста”?  Сигурно била “пациент” на Правен факултет, па се заразила со неизлечивата болест.

12. Тезата  “дека во случај на откажување од влегување во Собранието партијата се повлекува од тоа да стои зад листата“ како и онаа за “изигрување на граѓаните”, доколку се прифати мандатот спротивно на ставот на партијата, не се осудувам да ја коментирам, зошто е толку “глупава” што е срам за професијата и опасност по (раз)умот! Од кога партиите ги субституираат граѓаните? Кој, кога и како ги праша дали се согласуваат со партиското “откажување” од мандатите кои ТИЕ им ги дадоа на кандидатите за пратеници, гласајќи за нив? Што стана со нужноста од реална проверка на новиот (шведски) концепт на регрутирање кандидати за пратеници?

13. За жал, предизвикот на Интернет комуникацијата, колешката Најчевска ГЛУПАВО го (зло) употребува, етикетирајќи “ глупави”. Заради такви како неа, избегнувам вмрежување.  Преферирам да си го тестирам знаењето на поинаков начин. Топло и препорачувам да ја отвори веб-страницата на World Congress of Constitutional Law of the International Association of Constitutional Law, што ќе се одржи во Осло од 16-20 јуни. Таму, во работилницата 13, насловена како “Constitutional Dimensions of Political Parties and Elections”  ќе го најде мојот труд “Political Parties in Western Balkans: between Oligarchic Tendencies and Democratic Challenges”, рецензиран од светски познатите конституционалисти: Claude Klein и Charles Fombad. Нивната оценка на моето знаење или “глупост” е релевантна, а  онаа на Најчевска е “gone with the wind”!!! Таа пак, нека си ја (пре) прочита Пофалбата на глупоста!!

Проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова

najcevska

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top