Тројцата кандидати за советници и за градоначалници за претстојните локални избори, не биле соработници на тајните служби, соопшти Комисијата за верификација на фактите . Од Државниот архив во чија документација биле спомнати имињата на тројцата кандидати констатирано е дека двајца биле следени од службите под сомнение за албански сепаратизам и национализам, додека кај третиот кандидат имало совпаѓање на податоците со друго лице.Тројцата кандидати, како што информираат од Комисијата за лустарција, се на листи на различни полтички партии.
– Комисијата ја исполни обврската и во предвидениот рок ги испрати до Управата за безбедност и контраразузнавање, Државениот архив, Агенцијата за разузнавање и Воената служба за разузнавање при Министерството за одбрана проверените кандидатски листи, односно на 6.339 лица-кандидати за носители на јавна функција како советници и градоначалници, вели портпаролот на Комисијата за верификација на фактите Предраг Димитровски.
Ова е првпат Комисијата за лустрација да биде директно вклучена во изборниот процес.
– На минатите локални избори кандидатите поднесуваа изјави заверени на нотар дека не биле соработници на тајните служби и ги доставуваа во ДИК со оглед дека тогаш Комисијата за лустрација не беше формирана и не функционираше, додаде Димитровски.
Овој изборен циклус, како што рече, покажа дека Комисијата за верификација на фактите целосно ја исполни својата законска обврска во предвидениот рок. – Дали и колку известувања ќе дојдат од четирите надлежни институции ќе видиме следниве два-три дена, меѓутоа членовите на Комисијата се тука да одлучуваат по сите известувања евентуално што ќе бидат добиени, истакна портпаролот Димитровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


