Утревечер, на 7 мај, во Театар Комедија ќе се одржи премиерата на претставата „Важно е да се викаш Ернест“ од Оскар Вајлд, а во режија на Ирена Стеријовска.
Сценограф на претставата е Стефан Спировски, а костимограф е Ана Кркулевска. Во „Важно е да се викаш Ернест“ играат Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Илија Илиоски, Зорица Нушева, Нина Деан, Кристина Ласовска и Тања Мицков.
Ова е прва премиера во Театар Комедија за оваа година, а до крајот се најавени уште две. Следната треба да биде за повеќе од еден месец, а третата е планирана во септември. Откако постои Театар Комедија ова е седма премиера во овој театар, составен претежно од млад кадар.
– Се обидовме за создадеме бајка за сериозни луѓе. Прво создадовме монохроматски свет, а потоа ние го обоивме. Направивме приказна во која љубовта победува. Претставата носи одредени пораки и многу би сакала кога барем еден дел од публиката, откако ќе ја изгледа претставата, ќе излезе и ќе рече: Па добро, денес животот е убав! – изјави режисерката Стеријовска.
Целата екипа во претставата е составена од млади актери, кои, впрочем, го сочинуваат ансамблот на Театар Комедија, а режисерката Стеријовска првпат режира во овој театар.
– Многу е важно тоа што тимот е составен од исклучително млади и талентирани актери полни со креативност. Ова е претстава по која треба да се чувстувате подобро. Иако е тешко да преведуваш поезија, некогаш речиси невозможно, ние навистина се потрудивме да ја сочуваме ведрата сатиричност која преовладува во пиесите на Оскар Вајлд. Создадовме свет без време и простор – додава режисерката.
За истакнување е и јазикот во претставата, за кој сите се потрудиле да звучи литературно, а многу се внимавало и на акцентските целости и на правоговорот.
– Многу често се случува во претставите воопшто да не се внимава на литературниот македонски јазик, па често сите ние многу често употребуваме скопски жаргон во говорот на сцената. Сега инсистиравме на акцентските целости и на правоговорот – вели Јелена Жугиќ, директорка на Театарот.
Според Жугиќ, „Важно е да се викаш Ернест“ ќе биде нова хит-претстава, како што е „Стјуардеси“, која одлично поминува кај публиката.
– Идејата со оваа претстава е да се вратат на сцена класичните комедии. Ова е претстава составена комплетно од млада екипа, но овие млади луѓе цврсто стојат на земја и овој безличен свет го бојат со многу различни бои. Тие носат многу живот во себе – вели Жугиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Култната „Викенд на мртовци“ премиерно на сцената на Ттеатар Комедија
-
По пауза од 25 години Коле Ангеловски повторно ја режира „Не сега, драга“, сега за шестиот роденден на Театар Комедија
-
Коле Ангеловски ја режира „Не сега, драга“ во Театар Комедија
-
Синиша Евтимов во Театар Комедија ја подготвува претставата „Жена ми се вика Борис“