Дарко Рундек (58) отсекогаш бил посебен и автентичен музичар, кој зрачи со енергија, која во исто време ве замрзнува и ве топи. Неговата генијалност е вткаена во песните, кои со децении нѐ веселат и нѐ растажуваат. Вистински мангуп на сцената, разуздан сејмен, кој гордо го носи шалот од свила на својот врат, но во исто време и семеен човек, кој со години со семејството живее во Франција. Создава музика за театар и за филм, ужива во тоа што го работи и повремено доаѓа во родната Хрватска. Со „Рундек и Карго трио“ одржува концерти на просторите на поранешна Југославија, но и гостува по европските метрополи. Тој е еден од ретките музичари, чијшто денешен ангажман во музиката не се сведува на рециклирање на песните од почетокот на кариерата. Рундек освен музичар, е и поет, режисер и актер, еден од основачите на култната хрватска група „Хаустор“. Зад себе има пет албуми со „Хаустор“ и исто толку со „Дарко Рундек и Карго оркестар“. По пет години пауза, „Рундек и Карго трио“ повторно доаѓаат во Македонија и ќе гостуваат на 9 мај во Универзална сала во Скопје (20.30 часот).
Последен пат бевте во Скопје пред пет години, кога имавте одлична клупска свирка во „Хавана“. Какви спомени носите од тоа Скопје и од таа свирка? Што очекувате сега од овој концерт во Универзална сала?
РУНДЕК: Спомените на свирката во „Хавана“ се прилично болни бидејќи се боревме со звукот, разгласот се распаѓаше, немаше воздух. Но, како што велите, се изборивме со проблемите и, за среќа, публиката не ги делеше нашите проблеми. Прекрасната скопска публика нѐ поддржуваше и нѐ носеше целиот концерт. Но, една година претходно, свиревме како „Рундек и Карго трио“ на „Скопскиот џез-фестивал“, во Универзална сала и тој концерт ни остана во многу драго сеќавање бидејќи таа сала има одлична акустика, има атмосфера, одлична сцена и вистинска рамнотежа меѓу интимен и голем концертен простор. Токму такво нешто ни одговара на тоа што сега го свириме.
Во последните години, концертите што ги правите со „Карго оркестар“ се на помали места, во клубови, пред помал број публика, а атмосферата е повеќе интимна. Тоа доаѓа со годините?
РУНДЕК: Не, не доаѓа тоа со годините, туку во последно време тежнееме кон театарски и концертни сали во кои се седи, а не во клубови бидејќи ни пречи заморот, чадот од цигарите, мешаницата и вревата околу шанковите. Кај театарските или концертни сали, тие што имаат повеќе од 1.000 места, обично, ни се многу големи бидејќи еден дел од публиката е предалеку. Можеби таа интимност сега, кога сум повозрасен ми одговара повеќе отколку кога бев помлад, а голема улога игра и моментот што сега можам да ги избирам салите.
И по толку години на музичката сцена, Вие зрачите со енергија, која во исто време и замрзнува и топи. Вашата генијалност е вткаена во Вашите текстови, кои се пеат веќе со децении. Кои стихови Ви се омилени?
РУНДЕК: „Ја би мого да могу, ја би знао да знам“.
Во Вашите текстови преовладува љубовта. Дали е таа движечката сила?
РУНДЕК: Па, на некој начин, да. Поглед инспириран од љубов гледа убавина, богатство, радост таму каде што студениот поглед гледа просечност, сиромаштија и здодевност. Љубовта може да се негува и некои од моите песни можат да помогнат во тоа.
Почетокот на Вашата музичка кариера е поврзан со „Хаустор“, една од најважните појави на загрепската музичка сцена. Денес ја продолжувате работата со „Карго трио“, а во меѓувреме работевте како помошник-режисер во театар, повремено глумевте во претстави, режиравте, пишувавте музика за филм, компониравте музика за театар… Што Ве исполнува најмногу?
РУНДЕК: Најмногу уживам создавајќи музика за театар и за филм.
Бевте во Индија. Со какви впечатоци се враќате оттаму и што научивте од таа земја?
РУНДЕК: Во Индија се сретнав со голема сиромаштија, многу прав, преубави жени, мистерии, но и со големо знаење за тоа како функционираат човекот и невидливите сили. Да не се лажеме, во Индија има и многу празноверие. Благодарение на патот во Индија здобив големо знаење и научив многу повеќе за себе и за вселената.
Со години живеете во Франција, таму работите, создавате музика. Доаѓате ли често во Хрватска и како Ви се чини кога ги посетувате поранешните југословенски земји во кои одржувате концерти? Има ли некаква разлика?
РУНДЕК: Во Хрватска доаѓам сѐ почесто – и приватно и службено. Тука свирам и снимам и од Хрватска тргнувам на концерти по другите земји од поранешна Југославија. Хрватска изгледа убаво и зелено, но и загрижено. На море е помалку загрижена, отколку на копно бидејќи тие што живеат покрај морскиот брег секогаш можат да уловат риба за ручек. А и климата е поблага. Ни во другите земји не е полесно, но луѓето кон Истокот се поотпуштени. Никому не му е јасно како да се извлече од економската криза и како да се постави кон иднината.
Каква музика сакате да слушате? И што сакате да слушате од македонската музика? Што Ви се закачило на уво од македонската музика?
РУНДЕК: Не слушам многу музика. Многумина ја слушаат во заднина цело време. Јас не можам така бидејќи ми го одвлекува вниманието ако е добра или ме мачи ако е лоша. Најмногу слушам едно париско радио, ФИП, кое нуди малку говор и одлична, разновидна музика – од џез, преку светска музика до класика. Од современата македонска музика пред неколку години ја открив и ја засакав музиката на „Фолтин“.
Повозрасните слушатели ги паметат и уште добро ги знаат наизуст стиховите на „Ена“, „Шејн“, „Ја желим“, „Ула улала“, „Узалуд питаш“, „Би мого да могу“… На какво време, какви спомени во Вас будат овие стихови? Какво беше времето кога ги пишувавте?
РУНДЕК: Тие песни за мене не се врзани со времето кога настанале, кога сум ги пишувал. Кога ги свириме на концерт, тие говорат за нас сега, какви сме ние.
Го носите ли уште шалот од свила?
РУНДЕК: Да. Донесов неколку од Индија и уживам да ги носам.
Доаѓа ли апокалипсата?
РУНДЕК: Можеби е веќе тука. Да се радуваме!
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!