| четврток, 6 декември 2018 |

Сунес падна на испитот, навивачите не го забораваат: Али Диа, најголемиот лажго во историјата на фудбалот

Греем Сунес беше одличен фудбалер, но како менаџер на Саутемптон ја направи, веројатно, најголемата утка во историјата на фудбалот со ангажманот на Сенегалецот Али Диа. Аматер, кој никогаш не играл фудбал во сериозен клуб, но на лажна препорака пристигна во Премиерлигата на Англија во 1996 година и дури и одигра петнаесетина минути за „светците“ од Саутемптон.

Приказната е интересна, а Сунес паднал на евтин штос. Му се јавил непознат човек кој се претставил како Жорж Веа, тогаш играч на Милан, еден од најдобрите фудбалери во историјата на Африка и му го препорачал Диа.

Сунес му поверувал на лажниот Веа и го ангажирал неговиот помлад сонародник со едномесечен договор. Диа експресно се закотвил во пристаништето на јужниот брег на Англија, но Греем уште побрзо се уверил дека е излажан. Срамот е голем, тајната не смее да се открие, дека Диа е голема утка на прославениот фудбалер и поранешен шкотски репрезентативец.

За да биде приказната уште поинтересна, иако Сунес знаел дека Диа нема квалитет ниту за аматерски фудбал, го става на клупата за резерви против Лидс.

Чудата продолжуваат и на тој меч се повредува единствениот напаѓач на Саутемптон, Мет ле Тисие, па Сунес нема избор и го става во игра Али. Сенегалецот ни крив, ни должен одигра околу 15 минути, а на теренот изгледа како загубен. Навивачите на Саутемптон веднаш препознаваат дека се работи за измамник, кој нема поим од фудбал. Менаџерот мора да реагира и да го извади од игра Диа. Сепак, му останаа запишани 15 минути игра во Премиерлигата, нешто за што сонуваат многу луѓе на светот.

А, навивачите на популарниот Сотон сѐ уште не го заборавиле, па честопати знаат да запеат „Али Диа“ на натпреварите на својот омилен тим.

Симпатичен измамник, што веројатно заслужи место во историјата на англискиот фудбал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top